Орка Холдинг го полни Буџетот со 18,5 милиони евра од даноци и придонеси, ги отфрлаат сите обвинувања

Орка Холдинг е компанија која постои 31 година, основана како фамилијарна компанија која досега немала учество во ниедна приватизација во Македонија, ниту, пак, некој голем државен тендер, се вели во соопштението на компанијата.

Како дел од економскиот систем успешно работи и одговорно ги почитува и исполнува сите релевантни законски барања и регулативи во државата, нагласуваат во соопштението и додаваат дека моментално, како еден од најголемите работодавачи на пазарот во земјата, Орка Холдинг во своите компании вработува 2437 луѓе и во 2019 година по основ на различни даноци и придонеси исплатила 18.500.000 милиони евра, додека во истиот период по основ на плати за вработени исплатила бруто вредност од 30.200.000 милиони евра. Бруто исплатена просечна плата во компаниите изнесувала 1032 евра.

„Дали еден од претендентите за премиерска фунција на овие избори кога зборува за средства исплатени од криминални активности мисли на овој тип на исплати во буџетот на РСМ?

Дали знае дека не постои записник ниту од УЈП, ниту од финансиска полиција или финансиско разузнавање, кои во изминативе години констатирал било каква неправилност или ‘криминално работење’ во работењето на овие компании?“, прашуваат од компанијата.

„Крајно непримерно е некој што бил на власт во оваа држава и претендира повторно да ја води оваа држава, да го употребува еден од најуспешните бизнисмени и една од најголемите македонски компании и работодавци во земјата за освојување на политички поени преку пласирање на комплетни невистини. Воведовме во Македонија стандарди во здравството кој не прават лидери во овој дел на Европа, излекувавме илјадници пациенти, се родија преку 20.000 деца…

Тоа сме ние како компании и човечки квалитет во нив со кој се гордееме.

Од политичарите се очекува да создаваат поволна бизнис клима, а не да им наштетуваат на оние кои и онака самостојно се борат за опстанок во приватниот сектор, вработуваат огромен број на луѓе и придонесуваат за развој на економијата“, истакнуваат од Орка Холдинг и потенцираат:

„Со докази и потврдени факти одговорно ги отфрламе сите обвинувачки тврдења чија цел, покрај борбата за власт е и дискредитирање како на работењето на компанијата така и директно на г-динот Јордан Камчев.

Во врска со наводните обвинувања за нелегално финансирање на Изборна кампања за претседателски избори 2019 година, во кои како дел од истото беа споменати и Орка Холдинг и компанијата Монт како дел од Холдингот ги проследуваме заклучоците добиени од конечниот Извештај на овластениот државен ревизор и прашањата кои истиот ги покрива, а се дискутирани на завршниот состанок со овластеното лице на учесникот во изборната кампања одржан на ден 09.01.2020 година.

Државниот завод за ревизија за Финансискиот извештај за приходи и расходи заедно со ревизијата на усогласеност на ,,Изборна кампања – претседателски избори 2019 – Гордана Сиљановска Давкова, кандидат за претседател’’ за периодот од 26.03.2019- 11.08.2019 година, без резерва изрази мислење за вистинито објективно претставување на финансиската состојба во сите материјални аспекти.

Според мислењето на овластениот државен резивор, сите активности, финансиски трансакции и информации рефлектирани во Вкупниот финансиски извештај на изборна кампања во сите материјални аспекти се во согласно со релевантна законска регулатива, упатска и воспоставени политики“.

Уште еднаш потврдуваме дека ВМРО-ДПМНЕ имаше долг кон една од нашите фирми кој е комплетно исплатен со пресметани камати, велат од компанијата, а со мислењето добиено во извештајот на Државниот завод за ревизија, во целост се негираат сите обвинувачки тврдења кои беа изнесени на сметка на Орка Холдинг и г-динот Јордан Камчев.

„Повторно очекуваме едно од многуте партиски соопштенија во кои ќе се повикаат да одговараат за криминал сите оние кои оние згрешиле пред законот.

Потполно го поддржуваме тој пристап под услов истото да не се прави селективно како до сега. Нека се расчистат сите криминали и нека одговараат сите одговорни, со што точно ќе се разоткријат редица на нелегални финансирања на политичари и посредници кои со децении живеат на грбот на приватниот бизнис во Македонија“, порачуваат од Орка Холдинг.