Оружен грабеж на обложувалница во Драчево

Синоќа, околу 19:30 часот, машко лице со пиштол ограбило спортска обложувалница лоцирана кај старата последна автобуска станица на линијата 41, во скопско Драчево. Крадецот, со закана од огнено оружје, извршил разбојништво над вработена во обложувалницата. Одзел 60.000 денари од касата.

Разбојникот носел марама на лицето и по грабежот избегал во непознат правец. Полицијата трага по него.

Грабежот во Драчево е само продолжување на серијата слични кривични дела во обложувалници за кратко време. На 15 февруари едно вооружено лице со пиштол ограби обложувалница на улицата Среќко Пужалка во Скопје. На 27 февруари две лица вооружени со пиштол, ограбија обложувалница во скопско Трубарево. Барем во јавноста, не беа споделени информации дека се најдени извршителите.

Мета на крадци, од почетокот на годинава, беа и две казина во Скопје. На крајот на јануари, лица вооружени со автоматско оружје, го ограбија казиното „Адмирал“ во скопско Влае.

Минатиот месец, при грабеж на казиното „Вегас“, загинаа две лица-гостин и член на обезбедувањето. Во нив пукаа вооружените разбојници кои упаднале со пиштоли и автоматски пушки. И во овие случаи, засега јавно не е познато дали има конкретни осомничени или приведени лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.