Осака стана најплатената спортистка на сите времиња

99
(AP Photo/Andy Brownbill)

Јапонската тенисерка Наоми Осака ја презема титулата најдобро платена спортистка на светот, објави американскиот економски магазин Forbes, кој пресметал дека победничката на Отвореното првенство на САД во 2018 година и на Отвореното првенство на Австралија во 2019-та, минатата година заработила 37,4 милиони американски долари од турнирските награди и од спонзорите.

Ова е рекордна заработка на една спортистка, кој за 1,4 милиони долари е повисок од досегашниот кој ѝ припаѓаше на Американката Серена Вилијамс. На трето место е поранешната руска тенисерка Марија Шарапова, која во својата рекордна 2015 година заработи 29,7 милиони долари.

Тенисерките од 1990 година постојано се на врвот на листата на Forbes, а од 2004 година по годишната заработка се менуваа Шарапова со Вилијамс, која беше најплатената спортистка пред Осака.

Вилијамс последните четири години беше на врвот на спортистките со најголема заработка, а за 2019-та остана на второто место со 1,4 милиони долари помала заработка од Јапонката.

Осака со својот тениски стил и резултаит од крајот на 2018 и почетокот на 2019 година метеорски се искачи на листата на најплатените. Во моментов е 10-та тенисерка на светот, но тоа не им пречи на 15 компании, меѓу кои се и глобалните брендови како „Nike“, „Nissan Motors“, „Shiseido“ и „Yonex“, кои ја спонзорираат 22-годишната тенисерка.

Осака е дете од мешан брак на мајка Јапонка и татко од хаитско-американско потекло. Тренира и живее на Флорида, а според заработката е на 29-то место на листата од 100-те најдобро платени спортисти во 2019 година. Вилијамс на истата листа, која целосно ќе биде објавена следната седмица, е на 33-то место, и ова е првпат по 2016 година на оваа листа да се најдат две жени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.