Оштетени штедачи: Како фирма без приходи добила кредит од 380.000 евра и потоа се затворила?

Оштетените штедачи на Еуростандард банка продолжуваат со објавувањето на фирмите кои зеле кредити од банката а не вратиле ниту една рата.

Повикувајќи се на извештај на стечајниот управник на Еуростандард банка, тие тврдат дека една од фирмите која зела кредите не платила ниту една рата и била избришана од регистерот е „Златко М Трејд“ ДООЕЛ.

„Фирмата е основана во октомври 2013 година со непаричен влог од 5.000 евра и со седиште во општина Карпош во Скопје. Сопственик и управител на фирмата е Себајдин Беќири. Фирмата немала поднесено годишна сметка од 2017 година и не била деловно активна минатите години. Меѓутоа, тоа не пречело да се задолжи во Еуростандард банка во 2018 година, во време кога фирмата немала никаква деловна активност и немала приходи. Според извештајот за банката на стечајниот управник Душко Тодевски, оваа фирма има добиено кредит од околу 380.000 евра, со обезбедена хипотека од земјоделско земјиште во село Врапчиште, Гостиварско. Направената процена на земјоделското земјиште изнесувала околу 240.000 евра. Фирмата не платила ниту една рата 589 дена односно од кога е доделен кредитот. Земениот и невратен кредит не бил никаква пречка да се затвори фирмата односно да се избрише од регистарот на фирми на 27 февруари 2020 година. Основата за бришење на фирмата е повеќегодишна неактивност и неподнесување на годишни завршни сметки“.

Штедачите прашуваат како раководството на Еуростандард банка одобрило кредит на фирма која била деловно неактивна и не остварувала приходи? Како е тоа воопшто можно?Како се случило фирмата да се затвори со неплатен кредит од 380.000 евра кон Еуростандард банка? Зошто не бил покренат стечај за фирмата туку таа директно се затворила и избишала од регистарот на фирми? Што станало со нашите пари? Каде се? Кој ги земал? Тие не можат да исчезнат. И пред да ја затворат фирмата, мора да се констатирало што станало со парите. Ќе каже ли Себајдин Беќири каде се парите? Го прашал ли некој него од нашите надлежни институции и истражни органи?

Според штедачите, Трифун Костовски и неговите компањони Коста Костовски и Николче Петкоски добро знаат каде завршиле парите и како ја извеле целата операција на кражба на нашите депозити и во овој конкретен случај. Ниту им значела кредитната политика на банката ниту ги почитувале основни критериуми за кредитирање. Свесен грабеж спроведен без усул и без пардон.

„Во своето последно обраќање до јавноста, Трифун Костовски тврди дека проценители кои работеле за банката запишувале фиктивни вредности на имот без да имаат претходен увид. Дали и земјиштето во Врапчиште, чија проценета вредност од околу 240.000 евра, што е и многу помала од износот на кредитот, е всушност фиктивна? Врз основа на тврдењето на главниот водач во овој грабеж Трифун Костовски, се поставува легитимно и многу загрижувачко прашање: Колку се веродостојни износите на хипотеките коишто се наведени во извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски?Има ли нешто што не е криминално и незаконито во случајот Еуростандард банка!? Дали постои правда и право во оваа држава? Дали може да се најдат каде се изгубени?“, се прсшуваат оштедените штедачи.

Тие прашуваат зошто молчат надлежните институции повеќе од седум месеци? Зошто молчи премиерот Заев? Дали вицепремиерот Љупчо Николовски задолжен за борба против криминалот и корупцијата во државава ќе ги напушти тривијалните работи и ќе почне вистински да се занимава со сериозниот организиран криминал и високата корупција, како што и самиот најави? Дали оваа 2021-ва ја нарече антикорупциска година!? Каде е министерот за правда Бојан Маричиќ да се произнесе за риминалот во Еуростандард банка? Зошто молчи? Не се затвори пиљара, се ограби банка од средна големина, исчезнаа речиси 60 милиони евра и директно се покрадоа најмалку 3.000 семејства на граѓани и фирми.

Според нив, гувернерката Анита Ангеловска Бежоска е таа која ги аминувала ваквите и слични криминални активности во банката.

„Иако добро знаела што се случува, молчела и свесно дозволила низа криминални дела да се случуваат со години. Кога ќе одговара гувернерката Бежоска за нејзините противзаконски постапки?“,прашуваат оштетените штедачи

Според нив, раководните лица од ограбената Еуростандард банка, гувернерката Бежоска и сите останати кои се вклучени во овој масовен организиран грабеж на нашите депозити мора да одговараат и парите мора да се вратат.

Тие најавуваат дека ќе продолжат да ја запознаваат и странските претставништва во земјава и оние во Брисел, со вистината.