Оштетени штедачи на Еуростандард банка: Зарем не е кристално јасно кој е изворот на криминалот!?

Во август 2015 година судот во Велес му досуди три години затвор на наш сограѓанин зошто украл ќебапи и друга храна од кафеана и направил штета од 100 евра. Во август оваа година се затвори Еуростандард банка и се откри континуиран грабеж од речиси 60 милиони евра од депозити на луѓе кои ги довериле своите лични средства во регулирана и наводно безбедна финансиска институција. Каква поврзаност имаат овие два случаја? Освен што се работи за криминал, се останато е дијаметрално спротивно. Во првиот случај имаме осуден за издржување на казна затвор од три години за кражба на храна од 100 евра, а во вториот случај крадците на околу 60 милиони евра од депозити во надгледувана банка се добро познати, но се народни херои, уживаат со украдените пари и сѐ уште шетаат слободно, се вели во денешното соопштение на Оштетени штедачи.

„Навидум, и после неполни четири месеци од затворањето на банката никој сѐ уште не знае што се случило или каде завршиле парите, кој ги украл ниту пак дали некој ќе одговара за криминалот. Има повеќе демагози што се претставуваат како жртви но никако и како крадци. Тие сега уживаат во благодетите што ги носи украдениот плен. Во нашата понова историја и пракса во земјава е познато дека оние кои ќе украдат многу пари се жртвите во криминалот и не одговараат за сторените дела. Напротив, тоа се оние кои уживаат во слободата на својот криминал.

Што не е јасно во случајот со Еуростандард банка!? Зарем не е кристално јасно кој е изворот на криминалот!? Без разлика на сите вмешани страни или соучесници во криминалот, од Народна Банка и гувернерката Бежоска, претходната министерка за финансии Нина Ангеловска, па сѐ до избраните фирми кои добивале безповратни кредити, изворот на криминалот е повеќе од јасен и транспарентен. Главата на октоподот е позната. Првите луѓе на Надзорниот, Кредитниот и Управниот одбор во Еуростандард банка се оние кои ја иницирале, започнале, организирале и развиле кражбата на депозитите преку разни злоупотреби и манипулативни шеми на делење кредити без соодветни покритија, давани пари за да не се вратат. Да не биле овие организатори и имплементатори на криминалот во банката, парите не би биле ни покрадени. Во повеќе наврати, Трифун Костовски, главниот сопственик и долгогодишен прв човек на Надзорниот одбор на банката, јавно обзнани конкретни примери на злоупотреби и чист криминал со делење на пари на име на кредити без покритие. Дека е тоа така сведочат и многуте непокриени кредити за кои не е платено ниту една рата со години. Извештајот за состојбата на банката изготвен од стечајниот управник Душко Тодевски идентификува и многу случаи со давани ризични кредити на поврзани фирми, потоа фирми кои користеле кредити само со едно исто покритие или без покритие, фирми без направен договор за кредит, па сѐ до фирми кои добиле и стотици илјади или милиони евра во кредити единствено покриени со меница. Ултра ризични кредити делени на вересија.

Еден од начините како се делеле парите јавно го потврди и Николче Петковски, долгогодишен прв човек на Управниот одбор и еден од организаторите на грабежот во банката. Фирмата на неговиот вујко добила милионски кредит во евра, пари кои се доделени како краткорочни позајмици на други фирми кои сервисирале обврски, а само трансферот е направен преку  наведената фирма од страна на банката. Коста Костовски, синот на Трифун Костовски и раководител на Кредитниот одбор за правни и физички лица, е третиот член на главниот тим кој ги потпишувал и одобрувал многуте сомнителни и спорни кредити, сега ненаплатливи или тешко наплатливи. Сите овие проневери и малверзации може лесно да се проверат и докажат. Има писмени траги, потпишани документи и договори, постојат архива и комјутерски систем во банката коишто ги содржат сите овие податоци. На сето ова лесно може да се додадат и веќе дадените изјави од првите луѓе на истражните органи дека се вршеле трансакции од банката за перење на пари и финансирање на тероризам, потоа злоупотреби на службена должност и овластување, фалсификувања, измами…

Доста е! Вистината мора да се открие и правдата мора да се задоволи. Детето кое остана без парите за операција кои пропаднаа во Еуростандард банка треба да знае кој е одговорен за неговата животна трагедија. Самохраната мајка на која ѝ пропадна целата заштеда во банката заработена од тешката работа во странство остана болна на улица со своето дете и исто така болни и стари родители. Луѓето што загубија пари од продаден личен имот или и оние кои целата своја заштеда правена со години ја чуваа за да купат свој дом и за да не живеат под кирија. И две илјади фирми на кои им се заробија сите пари во Еуростандард банка, а се законски должни да работат само и единствено преку банкарскиот систем.

Не се откажуваме од нашата конечна цел и нема да прифатиме да бидеме оштетени и ограбени од крадци и криминалци кои делувале организирано во континуиран грабеж на банката и сега уживаат со нашите пари сместени во нивните џебови. Доказите се видливи и се пред нас. Се надеваме и очекуваме дека приказните кои ги слушаме од овие првотимци од банката на пишани и телевизиски медиуми ќе имаат можност да си ги прераскажуваат меѓу себе со години во казнено-поправен дом, а ние оштетените да наплатиме од имотите и средствата од нив лично и од нивните семејства како дополнување на загубата предизвикана од овој масовен криминал.

Ако постои правда и правен систем во државава веруваме дека ќе успееме во нашата цел да се расчисти криминалот во целост и да ни се вратат парите. Воедно, се надеваме и дека оваа наша тешка и макотрпна борба ќе помогне и на другите депоненти во останатите банки во државава да не им се случи или случува сличен грабеж во друга банка, бидејќи очигледно заштита од такви проневери и злоупотреби не може да очекуваме од Народната банка и раководството во неа. Тие веќе се прогласија за ненадлежни, но не и за неодговорни за нивното соучество во овој организиран криминал“, соопшти здружението Оштетени штедачи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.