Оштетените штедачи на Еуростандард банка: Ангеловска си ги извлече парите и дали за тоа е наградена со влез во бордот на МТ?

Оние депоненти во Еуростандард Банка што добиле инсајдерска информација за намерата на Народна Банка да прогласи стечај во Еуростандард Банка, меѓу кои е и претходната министерка за финансии Нина Ангеловска како функционер на високо одговорна позиција во државата, ги извлекле своите пари пред затворањето на шалтерите на банката, велат од Иницијативниот одбор на Здружението на оштетени штедачи на ЕСБ.

Од Здружението бараат Антикорупциска комисија го испита случајот со Ангеловска и ја утврди нејзината професионална и морална одговорност.

-Како член на Комитетот за финансиска стабилност таа знаела дека банката ќе се затвори и ги подигнала своите депозити од банката непосредно пред нејзиното затворање. На тој начин таа имала предност и била во повластена позиција да ги извади своите депозити од банката пред другите депоненти кои ги загубија своите пари. Вакви и слични случаи во други земји каде владеат правото и правдата имаат многу повисока одговорност споредено со нашата земја во којашто, по се изгледа, ваков настан кога висок партиски службеник и владин функционер, министер за финансии, го прави тоа се третира како сосема нормална појава. Дали оваа постапка на Нина Ангеловска како висок партиски службеник со проблематичен професионален и морален кредибилитет е награда од власта за сега предложеното место во одборот на директори на Македонски телеком? Освен што не е реагирано со време за спречување на криминалот во Еуростандард Банка од страна на Народната Банка, дополнителна тежина, гнев и горчина кај оштетените депоненти се и дузината јавни изјави за стабилноста на банкарскиот систем и сигурноста на депозитите на граѓаните и фирмите давани од страна на оваа високо поставена државна институција која го контролира и регулира банкарскиот систем, а посебно интервјуто на гувернерката Анита Ангеловска Бежоска дадено во мај оваа година, на коешто таа изјавува: „Билансите на банките се навистина здрави, се здраво јадро во моментов во нашата економија и нетреба да постои никаква грижа кај граѓаните за нивните депозити“. Каков заклучок носи оваа нејзина изјава како прв човек на Народната Банка, институцијата која гарантира за безбедноста и сигурноста на нашите депозити?, прашуваат оштетените штедачи.

Тие посочуваат дека депонентите во банката, физички и правни лица, останаа во неверување дека се измамени, излажани и доведени во заблуда од ваквите изјави на Народната Банка на чело со гувернерката дека банкарскиот систем е стабилен и дека депозитите во банките се сигурни.

-Зошто вакви лажни изјави давани свесно непосредно пред пропаѓањето на Еуростандард Банка? Дали е тоа одговорно однесување на една високо поставена државна институција и првиот човек во неа во една демократска и правна држава за каква што тврдиме дека сме? Гувернерката Анита Ангеловска Бежоска ќе мора да одговори на овие и на други прашања пред оштетените граѓани и фирми депоненти на Еуростандард Банка а истовремено и пред целата македонска јавност за време на јавната надзорна расправа во Собранието која се очекува да се одржи наредната недела. Одговорност мора да има и парите да ни се вратат, се наведува во соопштението на оштетените штедачи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.