Оштетените штедачи од Еуростандард банка правдата ќе ја бараат пред Уставниот суд

Оштетените штедачи од Еуростандард банка информираат дека ќе ја бараат првадата пред Уставниот суд. Нивното здружение Правда за штедачи веќе поднело иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки.

„Бараме укинување на предметниот член од наведениот закон бидејќи со истиот се прави нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајната постапка на банката. Воедно, бараме да се изрече и привремена мерка со која ќе се спречи нов грабеж на нас оштетените, овојпат преку одлевање на нашите пари според закон токму согласно наведениот член. Имено, преку оспоруваниот член, на Фондот му се дава првенство односно монопол во наплата на побарувањата во однос на физичките и правни лица депоненти во банката, кои на ваков начин се ставени во нерамноправна положба и се директно оштетени. Вака изразената нееднаквост и дискриминација е спротивна и на темелните вредности на Уставот на РСМ односно начелата на владеење на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и воедно ги доведуваат во прашање и гаранциите за основните слободи и права на физичките и правни лица во земјава“, се наведува во соопштението од оштетените штедачи.

Здружението изразува надеж дека Уставниот суд ќе собере сила и ќе ја врати вербата во правната држава и владеењето на правото.