Оштетените штедачи од „Еуростандард“ откриваат афера со „ЏМС Транспорт“ од Арачиново

Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи“ го поздравува Игор Џамбазов, кој сепак имаше доблест да објасни и потврди дека има долг во банката и дека има намера да го врати тоа што го позајмил. За жал, тој е прв и единствен од многумината кој не се обиде да се скрие позади некој друг притоа оградувајќи се од своите постапки. Се надеваме дека сите учесници во организираниот грабеж на банката на чело со Трифун Костовски ќе земат пример од Игор Џамбазов и ќе најдат за сходно да објаснат под кои околности ги давале и земале кредитите и зошто истите не се враќаат. А под кои околности се давале и земале кредити, досега транспарентно објавувавме и ќе продолжиме да објавуваме без разлика кој е, кој бил и какво реноме имал и има, се вели во најновото соопштение до јавноста од здружението на оштетените физички и правни лица на „Еуростандард“ банка.

Да продолжиме каде што застанавме.

Имено, обезбедувањето е вообичаен критериум при одобување на комерцијален кредит. Во случај клиентот да не може да го врати кредитот, банката има право да го преземе обезбедувањето и преку негова продажба да ја надомести загубата врз основа на ненаплатениот кредит. Практично, без обезбедување банките не одобруваат кредити. Во случаите со доделените кредити во Еуростандард банка, оние кои се водат за сомнителни и спорни кредити, има запишано несоодветни обезбедувања односно гаранции коишто, во најголем дел, се многукратно помали од износите на одобрените кредити или пак се работи за кредити доделени единствено со обични меници како обезбедување. Меѓутоа, има и такви доделени кредити за коишто нема никакво обезбедување. Како е тоа можно?

Во грабежот на депозити од Еуростандард банка многу невозможни работи всушност биле можни и изводливи. Се одобрувале и делеле кредити без никакво почитување на критериуми и кредитни политики ниту се правени кредитни анализи. Едноставно, се доделувале кредити на избрани фирми и поединци во стотици илјади или милиони евра за да не се вратат.

Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, ЏМС Транспорт дооел увоз-извоз е фирма со седиште во општина Арачиново на којашто и е одобрен кредит од 830 илјади евра без никакво обезбедување. Кредитот е доделен 742 дена односно околу две години пред да се затвори Еуростандард банка. Фирмата нема платено ниту една рата, ниту еден денар од кога е земен кредитот. Основана е во октомври 2008 година, со непаричен влог од 5.100 евра. Сопственик и управител на фирмата е Џеват Ајдиновски.

Билансите на фирмата велат дека во 2018 година, кога е доделен кредитот, фирмата немала никакви приходи. Всушност, фирмата е деловно неактивна од 2017 година. Таа година фирмата имала и долгови од околу 1,5 милиони евра додека акумулираниот капитал и бил три пати помал. Оваа фирма и тековно должи за неплатени даноци околу 5 илјади евра на Управата за јавни приходи. Кулминација на сето ова е стечајна постапка отворена за оваа фирма на 3 ноември 2020 година.

Веќе неколку години фирмата била без никакви приходи и активности. Практично, доделениот кредит неможел ни да се наплати, нема никакво обезбедување, додека фирмата е презадолжена и има и долгови за неплатени даноци. Сега веќе и во стечај.

Како менаџментот на Еуростандард банка доделил ненаплатлив кредит од 830 илјади евра на оваа фирма? Ниту имала приходи, ниту обезбедување. Не платила ниту една рата цели две години, пари дадени за да не се вратат. Што е ова ако не смислен и реализиран организиран грабеж на нашите депозити?

Дали некој од истражните органи ги прашал раководните лица од банката, Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски и сопственикот на фирмата Џеват Ајдиновски како се поделени нашите лични парични средства и каде завршиле истите? Кога тие ќе одговараат за направените малверзации, злоупотреби и проневери?

Кога гувернерката Анита Ангеловска Бежоска ќе објасни како е можно да се одобрат 830 илјади евра во кредит, а да нема никакво обезбедување и фирмата да е деловно неактивна? Кредитот го доделил менаџментот на банката, но гувернерката Бежоска е законски должна да направи контрола, да го оцени кредитниот ризик на одобрените пласмани и како банката управувала со истиот, и да преземе мерки. Каков е кредитниот ризик во овој случај? 100 отсто ненаплатлив. Што направила гувернерката Бежоска да го запре и спречи грабежот на овој и слични одобрени ненаплатливи кредити уште пред неколку години? Зошто молчела и го одобрила овој криминал? Кога гувернерката Бежоска ќе одговара за нејзините противзаконски активности?

Кога ќе слушнеме нешто од вицепремиерот Љупчо Николовски? Кога ќе се изјасни за тоа што прави или планира да прави за решавање на овој масовен организиран криминал и висока корупција во ограбената Еуростандард банка?

Начините за сторениот грабеж во банката се многубројни. Ова е само еден од нив.

Продолжуваме понатаму, се вели во најновото соопштение до јавноста од здружението на оштетените физички и правни лица на „Еуростандард“ банка.