Оштетените штедачи во Еуростандард банка бараат одговори од управата и сопствениците

36

Оштетените штедачи во Еуростандард банка, кои преку нивното Здружение секојдневно упатуваат соопштенија до медиумите главно насочени кон Народната банка, во последните нивни обраќања ги обвинија и сопствениците на банката за „направен грабеж“ како и дека „повеќе од јасно“ е дека Трифун Костовски, неговиот син Коста Костовски и екс директорот на банката Николче Петкоски „свесно ја иницирале, организирале и спровеле масовната кражба“.

На ваквите обвинувања бизнисменот Трифун Костовски преку медиумите порача дека ги разбира сите пориви штедачите да бидат обесштетени од стечајот на Еуростандард банка.

„Единствено не разбирам зошто објавувате невистини за учество на моето семејство во криминалот во Еуростандард банка. Големо ЗОШТО? Дека сум тука и од петни жили се борам да дојдам до вистината? Вие сте ограбени, ама и јас сум ограбен“, соопшти Костовски, на кого очигледно тешко му паѓаат ваквите обвинувања од Здружението на оштетени штедачи во Еуростандард банка. Тој исто така додаде дека не доликува Здружението бесот да го истура врз човек којшто најповеќе се бори за штедачите со цел да им се вратат украдените пари.

„Мене и моето семејство не ставате на отстрел само затоа што први испаднавме во борбата да докажеме дека е ова организиран криминал, не е чесно ниту фер“, вели Костовски.

„Трифун Костовски обвинува за организиран криминал и ги повикува ограбените граѓани и фирми на соработка. Но, не наведува кој ја извршил кражбата на нашите депозити ниту, пакм лицата или субјектите каде завршиле тие. Тоа за него е непознаница. Како долгогодишен претседател на надзорниот одбор, Трифун Костовски потпишувал и одобрувал ненаплатливи кредити во милионски суми во евра. Без или со мали покритија. Ниту почитувал политики и процедури за кредитен ризик ниту пак критериуми за одобрување на кредити според кредитна политика. Едноставно, заедно со неговиот син и претседател на кредитниот одбор Коста Костовски и претседателот на управниот одбор Николче Петкоски делеле ултра ризични кредити на избрани фирми на големо и без ограничување“, се вели во соопштението на Здружението.

Притоа се додава дека и по неполни шест месеци од затворањето на Еуростандард банка, наплатата на доспеаните кредити од правните и физички лица должници речиси и да не постои.

„Зошто е тоа така!? Затоа што Трифун Костовски и другите двајца ги поделиле нашите пари на вересија. Колку учествувале во поделбата на пленот со фирмите, сеедно, важно нашите депозити ги покрале. Увидот во билансите на десетици од најголемите фирми должници на банката покажува дека тие се презадолжени, во најголем број случаи и повеќе од 90 отсто. Односот на долгот спрема капиталот на фирмите е повеќекратно голем. Дел од фирмите се затворени, некои во стечај, а трети се во таква состојба да немаат што да дадат. А и голем дел од нив имаат единствено меница како обезбедување на кредитите во милиони евра. Заедничко за сите овие фирми должници е што не платиле ниту една рата со години, велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка додавајќи дека „криминалот во Еуростандард банка е чист како солза“, како и дека „банката пропадна поради повеќегодишен толериран грабеж на депозити“.

„Што треба уште да се објаснува или докажува!?“, прашуваат тие.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.