Осиромашувањето на народот е приоритет за власта

Поминуваме низ период во кој нема ден без нова афера, нема ден да не назадуваме во некој процес, нема ден во кој некој гласно смее да извика „Долу влада“, а при тоа да не биде повикан на одговорност или да биде казнет за тоа. Поминуваме низ период во кој осиромашувањето на народот е приоритет за власта, судството и целиот тој систем се распаѓаат во подаништвото кон власта, задолжувањето на владата кај банките и кредиторите ни се секојдневица и државниот долг вртоглаво расте.

Ова во интервју за порталот „Република“ го вели, Димитар  Димовски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и дополнува дека поминуваме низ период во кој оваа инсталација наречена власт е подготвена да ја разнебити македонската националност и да го уништи македонскиот идентитет. Според него, новата власт „не само што не донесе живот туку ја уништува и желбата за живот кај луѓето. Му ги замагли очите на народот и му ја цицаат и последната капка надеж“.

Димовски во интервјуто зборува за своите почетоци во партијата, за својот развој и за обвинувањата дека бил соработник на службите, како и за својот став за актуелната политичка состојба, за Законот за јазиците и за начинот на работење на актуелната влада.

Ви пренесуваме дел од интервјуто.

*Каква е состојбата со членството, какви се неговите очекувања при теренските посети, што ви велат?

Членството на партијата е доволно стабилно и свесно, а истовремено и информирано за политиките и чекорите кои ги презема раководството на партијата во врска со актуелните прашања. Потсекретарите и членовите на Извршниот комитет се постојано на терен во посета на општинските комитети. На состаноците се отвораат сите актуелни прашања, како внатрепартиските, така и прашањата за проблемите кои се случуваат во државата. Можам да кажам дека низ овие посети, но и зачестените седници на Извршниот и Централниот комитет на партијата, веќе успеваме да го кренеме моралот кај членството и да го оттргнеме стравот кој го всадува недемократската власт со процесите кои ги отвора за нашите членови.

Главните пораки на членството кон нас се дека ние како национална партија сме најповикани да го сопреме разнебитувањето на државата, разградувањето на националниот идентитет, распродажбата на државните интереси и руинирањето на економијата. Тоа се четирите „Р“ за кои членството од нас бара да ги сопреме. За да го направиме тоа, се погласни се барањата од членовите партијата да побара вонредни парламентарни избори.

*Да се осврнеме на политичките теми, владата го завршува деветтиот месец од своето владеење. Претседателот на европската комисија Жан-Клод Јункер рече дека има спроведено историски реформи, каква е вашата оценка за нивното владеење?

Каква е мојата оцена за нивното владеење? Кога би биле во ситуација јас да сум професор, а тие студенти, со сѐ ова што го направија и го прават, не би им дозволил ниту во дворот на факултетот да влезат, а не пак да се појават на испит. Сѐ што прави оваа инсталација од власт е спротивно на секоја демократска норма, спротивно на секоја економска логика, спротивно на секое политичко однесување, спротивно на сѐ што е нормално. За какви реформи зборуваме? За реформата на денот на закројување на лозјата премиерот да закројува на црвен тепих? Или за свечено отворање на автобуска постојка во ГТЦ? Единствените реформи во областа на економијата кои се видливи се во делот на овозможување на лично богатење на високи владини функционери и овозможување на одредени групи преку рекет и уцени да се збогатат, како и падот на скалата за перцепција на корупцијата за 17 места од претходната година. Во делот на демократизацијата на општеството и реформите во судството, единствена реформа што ја направија е инсталирање на роднини и лични пријатели во правосудниот систем и држење на невини луѓе по затворите, а ослободување на разно-разни криминалци. Во делот на надворешната политика, единствени реформи се откажувањето од македонскиот јазик и македонското малцинство во соседна Бугарија и напрегањето од петни жили да ѝ угодат на Грција и на нејзините нездраворазумски барања за самопоништување на македонскиот идентитет. И ова е една од „поисториските“ реформи. Тука, во делот на надворешната политика, дополнително може да се набројат и срамотењето на Република Македонија од страна на премиерот и неговите соработници преку нивните јавни настапи и учество на разно-разни настани, но и однесувањето на вицепремиерот како да е член на влада на друга, соседна, земја. Девет месеци се повеќе од доволен период за да се постават контурите на реформите и тие да почнат да се спроведуваат. Каде гледате некоја позитивна реформа? Во здравството, во образованието? Во социјалната политика – за ранливите категории, за стечајците, за пензионерите? Во економијата – во зголемувањето на личните приходи и права на работниците? Во правосудниот систем, каде што се поставуваат судии и обвинители по мерка на власта? Каде? Сѐ што ветија и кажаа – излажаа. Во овој момент, со начинот на кој владеат, се случува најголемиот социјален и економски егзодус на македонскиот народ. И брзо ќе дојде времето кога ќе одговараат за ова сестрано велепредавство кое го спроведуваат.

Господинот Јункер е очигледно неинформиран или излажан за тоа што прави оваа влада и што се случува во нашата држава. Верувам дека тоа е причината заради која тој изјавува дека кај нас се случуваат историски реформи. Овие реформи секако ќе бидат запишани и запаметени во историјата, но само по злото кое власта го спроведува врз сопствениот народ и нашата држава. 

*Името е една од најжешките теми, очекувате ли решавање на ова прашање во скоро време и каков би бил според вас исходот од таквите преговори на владата?

Името на Република Македонија е жешка тема од нашето осамостојување, не е нешто ново. Интересен е фактот дека овој вештачки креиран проблем од страна на нашиот јужен сосед и одредени негови поддржувачи, се актуализира во периодите кога на власт кај нас е СДСМ. Тие еднаш го почнаа „решавањето“ на проблемот со името, па еве во ОН сѐ уште се водиме под името кое беше нивно решение. Го решија и знамето. Сега, треба да си ја завршат задачата и конечно до крај да го решат не само името, туку воопшто сѐ што кај нас е поврзано со Македонија и македонското.

Јасен и јавен е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за ова прашање. Ние, како национална партија сме најповикани да не дозволиме уништување на националниот идентитет и самобитие на македонскиот народ. Многупати јавно сме кажале и еве сега ќе повторам, дека нема да дозволиме промена на Уставот на Република Македонија со цел промена на името. Тоа е нашата црвена линија и од неа нема да отстапиме. За жал, повеќе од очигледно е дека актуелната неспособна власт нема црвени линии за ова прашање. Напротив, тие толку многу се изгубија во ставовите и делувањата, што мислам дека самите ќе распишат предвремени избори само да можат да се извлечат од живиот песок во кој заглавија.

Целото интервју може да го прочитате на „Република“