Оскар за најдобар филм за „Зелената книга“, Куарон најдобар режисер

Филмот „Зелената книга: Водич за живот“ е прогласен за најдобар филм, Рами Малек и Оливија Колман се најдобри главни актери, додека со Оскар за режија е награден режисерот на филмот „Рома“, Алфонско Куарон.

Најмногу Оскари, вкупно четири, освои музичката биографија „Боемска рапсодија“ и тоа за главна машка улога, монтажа, монтажа на звукот и за звук, а со по три следат „Зелената книга: Водич за живот“, „Рома“ и „Црниот пантер“.

„Зелената книга: Водич за живот“ е прогласен за најдобар филм, откако ги освои наградите за споредна машка улога – Махершала Али и за оригинално сценарио.

Филмот беше номиниран и за главна машка улога – Виго Мортенсен, како и за монтажа, а во категоријата најдобар филм му конкурираа „Црниот член на ККК Клан“, „Црниот пантер“, „Боемска рапсодија“, „Рома“, „Миленичка“, „Ѕвездата е родена“ и „Човекот од сенка“.

„Ова е како сон… Овој филм е снимен со љубов и почитување. Ни беше чест и привилегија“, рече Питер Фарели, режисер преземајќи ја наградата и додавајќи дека „целиот филм зборува за љубовта, за фактот дека мораме да се сакаме едно другите и покрај разликите“.

Филмот „Зелената кнмига: Водич за живот“ инспириран е од вистинска приказна за афроамериканскиот класичен и џез пијанист Дон Ширли, кого го толкува Махершала Али и неговиот возач и телохранител Тони Липа, кого го толкува Виго Моргенсен, на турнејата по американскиот југ.

 

Оскар за машка улога за Рами Малек

Триесет и седумгодишниот Рами Малек, кому ова му беше прва номинација за Оскар, награден е за улогата на починатиот пејач на групата Queen, Фреди Меркури во филмот „Боемска рапсодија“, за кој досега ги освои наградите БАФТА, Еми и Златен глобус.

„Можеби не бев првиот избор за оваа улога, но мислам дека добро испадна. Благодарам што му дозволивте да бидам мал дел од вашата извонредна оставина. Останувам засекогаш ваш должник“, рече Малек заблагодарувајќи им се на членовите на групата Queen.

Додаде дека, додека бил мал, како син на имигрант од Египет, се борел со својот идентитет и се обидувал да сфати кој е. „На сите кои така се чувствуваат – направивме филм за геј маж, имиргант, кој целиот живот остана свој. Оваа приказна го слави и е доказ дека сите посакуваме вакви приказни“, рече Малек примајќи ја наградата.

За Оскарот за главна машка улога беа номинирани и Бредли Купер за ролјата во филмот „Ѕвездата е родена“, Вилијам Дафо за улогата на Винсент ван Гог во филмот „At Eternity’s Gate“, Кристијан Бејл за улогата на американскиот потпретседател Дик Чејни во филмот „Човекот од сенка“ и Виго Мортенсен за улогата во филмот „Зелената книга: Водич за живот“.

 

Најдобра главна актерка Оливија Колман

На Оливија Колман, Оскарот ѝ го донесе улогата на кралицата Ана во историската драма „Миленичка“ на Јоргос Лантимос, а која претходно ги освои наградите БАФТА и Златниот глобус.

На 45-годишната англиска актерка ова ѝ е првиот Оскар и првата номинација, а во категоријата најдобара главна актерка ѝ конкурираа Глен Клоуз за филмот „Сопругата“, Лејди Гага за ролјата во филмот „Ѕвездата е родена“, Јалица Апаричо за улогата во филмот „Рома“ и Мелиса Меккарти за филмот „Можеш ли некогаш да ми простиш“.

„Ова е многу стресно. Пресмешно е, го освоив Оскарот… Чудесно е да се биде во иста категорија со извонредни актерки, со Глен Клоуз, која е мој идол“, рече Колман шегувајќи се дека тоа повеќе нема да ѝ се случи.

Филмот „Миленичка“ беше номиниран во десет категории, покрај другите и за најдобар филм, за режија и две номинации за споредни женски улоги, Ема Стоун и Рејчл Вајс.

 

Оскарот за режија кај Куарон

По Оскарот за фотографија и за најдобар филм на странски јазик, односно од неанглиското говорно подрачје, Алфонсо Куарон за филмот „Рома“ го освои Оскарот и за најдобра режија.

„Сакам да ѝ се заблагодарам на Академијата што го препозна филмот во чиј фокус е припадничка на домицилното население, припадничка на 70 милиони домашни помошнички во светот, лик кој низ историјата бил прогонуван во последните редови во кино салите“, рече мексиканскиот режисер.

„Како уметници мораме да гледаме таму каде што другите не гледаат. Тоа е уште поважно во времињата кога нѐ поттикнуваат да го свртиме погледот“, истакна Куарон.

Ова му е втор Оскар за режија, откако во 2013 го освои за филмот „Гравитација“ со што стана првиот Мексиканец која ја освоил оваа награда.

Филмот „Рома“ беше номиниран во десет категории, покрај другото и за најдобар филм, а во оваа категорија му конкурираа Адам Меккеј со „Човекот од сенка“, Јоргос Лантимос со „Миленичка“, Спајк Ли со „Црниот член на ККК Клан“ и Павел Павликовски „Студена војна“.