Ослабена конкурентност на компаниите во Европа поради поскапиот гас, Русија значително ги намали испораките

Руски „Газпром“ во вторникот објави дека ќе испорача значително помалку гас во Европа пред истекот на договорот за транзит низ Украина.

Руската компанија планира да испрати 37,2 милиони кубни метри гас преку Украина во вторник, 12,3 отсто помалку од понеделникот. Договорот за транзит низ Украина истекува на полноќ, а од првиот ден од новата година Русија повеќе нема да испорачува гас преку таа рута до Европа, доколку не се постигне договор во последен момент.

Киев веќе најави дека нема да го продолжи договорот, а рускиот претседател Владимир Путин минатата седмица изјави дека е предоцна да се потпише нов договор, но дека се разгледуваат можни алтернативи за испораките за централноевропските земји, во прв ред Словачка и Унгарија.

Украина заработуваше 800 милиони долари годишно од транзитот на рускиот гас и за да ги надомести овие загуби најави значително повисока такса за внатрешен транзит.

Во октомври, Меѓународната агенција за енергетика (IEA) предупреди дека прекинот на транзитот на руски гас преку Украина претставува „значаен извор на неизвесност пред овогодинешната зима на северната хемисфера“ и отвора прашања во снабдувањето со гас, пред сѐ, на земји без излез на море во централна Европа, како што се Унгарија и Словачка.

„Во блиска иднина нивното снабдување нема да биде доведено во прашање благодарение на полните магацини, поврзаната гасна инфраструктура и индиректниот пристап до светскиот пазар на течен природен гас (LNG)“, потенцираат од IEA но како и ЕУ не истакнуваат по која цена ќе бидат таквите испораки.

Унгарија има намера да продолжи да купува гас од Русија, преку гасоводот Турски тек, иако сакаше да ја зачува трасата низ Украина. Словачка, од друга страна, се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина доколку не го продолжи договорот за транзит.

Австрија најде други извори на снабдување, со жесоки критики кон Германија поради зголемените надоместоци за складирањето на енергенсот.

Според IEA, најранлива е Молдавија, која мора да соработува со регионалните и меѓународните партнери за да обезбеди гас во текот на зимата, предупреди IEA. Кишињев, пак, го очекува „тешка зима“, според претседателката Маја Санду, а размислува и за национализација на домашниот снабдувач „Молдовагаз“, кој е 50 отсто во сопственост на „Газпром“.

Загубата на евтиниот руски гас ја заглави европската економија, ја поттикна инфлацијата и ја влоши кризата на трошоците за живот, забележува Reuters. Конкурентноста на европските компании на светските пазари слабее, а германската индустрија одумира.

Главните снабдувачи со гас за Европа денес се компании од Норвешка, САД и Катар. Норвешкиот гас е многу поскап во Европа отколку во САД, покажуваат деловните извештаи на енергетскиот гигант „Equinor“. Во третиот квартал, остварената цена на гасот во Европа беше 11,24 долари за милион британски топлински единици (mmbtu), а 1,66 долари во САД, објави „Equinor“.

Американскиот претседател во заминување Џо Бајден воведе мораториум за издавање дозволи за нови погони за течен природен гас, а САД воведоа санкции и за руската „Газпромбанка“, што им го отежнува плаќањето на преостанатите клиенти.

Катар неодамна ѝ се закани на Европската унија дека ќе ја прекине испораката доколку Брисел строго ги спроведе прописите за одговорен бизнис и заштита на животната средина. Доколку не се почитуваат, на компаниите со нето-промет поголем од 450 милиони евра им се заканува казна до пет отсто од светскиот приход.

„Тоа е неприфатливо“, рече катарскиот министер за енергија Саад ал-Каби во интервју за Financial Times, објавено на 22 декември. „Ако можам да изгубам пет отсто од остварениот приход во Европа, тогаш нема да одам во Европа… Не блефирам“, рече во разговорот катарскиот министер.

Руски „Газпром“ ја затвори 2023 година со загуба од седум милијарди долари и се обидува да ја надомести загубата на европскиот пазар со свртување кон Азија. Според пресметките на Reuters, руската компанија годинава извезла 32 милијарди кубни метри гас преку гасоводи во Европа, или 13,1 отсто повеќе од лани. Оваа година Русија би можела да заработи околу пет милијарди долари од извозот на гас во Европа преку Украина, според просечната прогноза на руската влада за цената на гасот од 339 долари за илјада кубни метри.