Ослободителна пресуда за Љубе Бошкоски во случајот „Кампања“

Основниот кривичен суд Скопје во повторената постапка врз основа на пресуда на Европскиот суд за човекови права, денеска донесе ослободителна пресуда за Љубе Бошкоски, во врска со случајот „Кампања“.

Лидерот на Обединети за Македонија и советник во Владата беше уапсен на 6 јуни 2011 година, пред ресторанот „Воденица“ во Скопје, под сомнение за нелегално финансирање на изборната кампања. Во 2014 тој беше осуден на пет години затвор, а во 2016 година излезе од затворот во Идризово каде ја отслужуваше казната.

Европскиот суд за човекови права во 2020 година пресуди дека на Бошкоски му биле прекршени правата на фер судење во однос на повикување и испитување на сведоци.

Во 2021 година, по барање на одбраната, судењето против Љубе Бошкоски за предметот „Кампања“ беше вратено на повторно судење.

– Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по барање на одбраната на Љ.Б. претходно осуден во предметот во јавноста познат како „Кампања“, го уважи барањето за повторно судење на предметот. Претходно, за барањето за повторно судење, а согласно и пресудата на Судот за човекови права во Стразбур, добиено е позитивно милење од надлежниот јавен обвинител по што е уважено барањето, за кое странките не вложиле жалба пред Апелациониот суд и истото е веќе правосилно, соопшти Кривичниот суд своевремено.

Од страна на Специјалното обвинителство во 2017 година беше поднесено обвинение за тортура и нечовечно постапување при апсењето на Бошкоски во „Кампања“, против тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков и седуммина припадници на „алфите“ во МВР. Судењето започна на 28.02.2018 година, а пред самиот крај, судењето се врати од почеток поради промена на член-поротник во Судечкиот совет.

Во јули 2021, Кривичниот суд донесе ослободителна пресуда за Сашо Мијалков во предметот „Тортура“. Според Судот, обвинителството не докажало надвор од основано сомнение дека обвинетите се виновни за делот мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.

Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.