Ослободување од партиципација на студентите, бесплатни градинки и оброк во училиштата

Како пратеници од опозицијата наша обврска и задача е да ги артикулираме проблемите на граѓаните со кои тие секојдневно се сретнуваат, се соочуваат во сите сегменти од секојдневието, порачува Велика Стојкова Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ.

 

„Власта не успева да се справи со пандемијата и ефектите од истата се поразителни. АВРМ вели дека има 40.000 отпуштени работници, намален промет во економијата на големо и мало, помала наплата на даноци и помали приходи на фирмите. Секако, најголемата жртва на ваквото недомаќинско и неодговорно однесување на оваа власт ја даваат граѓаните по чиј џеб и живот удри оваа неспособна влада“, рече Стојкова Серафимовска.

Според неа, веќе очигледно е дека актуелната Влада нема стратегија за почетокот на образованието и на образовниот процес во основното, средното и високото образование, ниту, пак, план за работата на градинките.

„На удар е здравјето на младите и нервите на родителите кои се загрижени поради тоталниот хаос во факултетите, училиштата и градинките. Министерството за образование нема соодветен план за он лајн настава ниту пак обезбедени доволно добри просторни услови за децата кои физички ќе посетуваат настава, а градинките се со исполнети капацитети со што постои реална опасност дека голем дел од родителите нема да имаат можност да ги згрижат своите деца во градинки“, констатируаше пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Рече и дека имајќи предвид дека згора на овој хаос се става и тешкиот финансиски товар на родителите и младите во едни вакви економски услови и сиромаштија, како опозиција предлагаат план и мерки со кои Владата мора да настапи веднаш.

„Како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, предлагаме:

  1. Владата веднаш да донесе одлука со која ќе се ослободат од партиципација сите редовни студенти запишани во државните универзитети за учебната 2020/2021 година, без разлика во која година од студирањето се наоѓаат. Со оваа мерка се опфаќаат околу 20 илјади студенти. Што значи дека на околу 20 илјади семејства ќе им се помогне да не трпат егзистенцијални штети и да можат нивните деца да го продолжат образованието.
  2. Втората мерка е предлог за донесување одлука за обезбедување на бесплатна храна во училиштата и за сите ученици.

Со оваа мерка ќе се опфатат сите ученици кои посетуваат настава во училиштата, а станува збор повторно за неколку десетици илјади.

  1. Третата мерка се однесува на децата кои посетуваат градинка, бројка од околу 30 илјади дечиња, чии родители немаат услови да ги чуваат дома, а од таа причина е потребно да ги пратат во градинка. Со цел да се помогне на голем број на семејства, во кои имаме и голем број на родители кои го изгубиле своето работно место, бараме бесплатно згрижување на децата во градинките.

Ја повикуваме власта да ја надмине суетата и да пристапи кон итна реализација на овие предложени мерки, кои ќе значат помош за околу 100.000 семејства во Македонија. Владата, криминалот и мафијата кои за жал во овој момент се исто во Македонија, не смеат да ја водат во пропаст целата држава“, заклучи Стојкова Серафимовска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.