Османи: Ја реафирмиравме потребата за силна европска и регионална соработка меѓу сите земји од ЈИЕ

Mинистерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, денеска во Брисел учествуваше на неформалниот состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во рамките на грчкото претседавање 2021-2022. На состанокот присуствуваа и Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеј.

Шефовите на дипломатиите, оваа година, во рамките на овој регионален формат дискутираа за приоритетите на грчкото претседателство, претставени со мотото „Зајакнување на синергиите во земјите на ЈИЕ“.

„ПСИЈЕ е клучен фактор во евро-интегративните аспирации на сите земји партнери, која како една од најстарите регионални иницијативи дава огромен придонес во обезбедувањето на траен мир, стабилност и економски просперитет во земјите од Југоисточна Европа“, истакна Османи.

Воедно, Османи, во своето излагање ја реафирмираше потребата за силна европска и регионална соработка и солидарност при носењето на заеднички и координирани мерки за унапредување на севкупните односи меѓу државите. Истовремено, алудираше и на очигледните предизвици кои постојат меѓу овие земји кога се зборува за партнерствата, меѓусебната поврзаност, синергиите и заедничката иднина.

“Северна Македонија како земја-членка на НАТО е многу поотпорна во споредба со минатото, политичката криза што уследи по нашите локални избори, сепак, зборува за одредена ранливост и промени во нашето општество. Секако, основните причини за сите овие негативни трендови се од вистинска природа, но нивниот забрзувач, или катализатор, лесно може да се антиципира во фактот дека ослабената перспектива за европска интеграција предизвикана со повторниот застој во процесот има реперкусии врз стабилноста и просперитетот”, нагласи Османи.

Учесниците го искористија овој форум за унапредување на регионалната кохезија преку јакнење на политичката и економската соработка, како и кон демократијата, владеењето на правото, слободната пазарна економија и почитувањето на фундаменталните човекови права како основни европски вредности кои останува во фокусот на сите земји членки на ПСЈИЕ.

Пред почетокот на состанокот, Османи се сретна со својот бугарски колега, Светлан Стоев. Во текот на денот, министерот ја продолжува работната посета на Брисел со учество на дебатата „Дискусија за иднината на Европа – перспективи и придонеси од Западен Балкан“, а предвидена е средба и со Мирослав Лајчак,  посебен претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград – Приштина.