Османи-Џачка: Преку регионална соработка до зацврстување на патот кон ЕУ

Во рамки на официјалната посета на Албанија, шефот на дипломатијата Бујар Османи оствари средба со албанската министерка за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, на која стана збор за бројни теми од взаемен интерес за развој на билатералните односи, за внатрешно-политичките случувања во двете земји, соработката во НАТО, европската перспектива, регионалните иницијативи, како и за можноста за унапредување на соработка и во рамките на останатите секторски политики.

„Неспорно е дека односите меѓу нашите две земји одамна го надминуваат прагот на добрососедство и тие се втемелени на основите на стабилно и долгорочно пријателство. Сметам дека ова наше пријателство ги надминува интересите само на нашите две земји и претставува еден од најзначајните столбови за стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион“, изјави Османи.

Како што соопшти министерството за надворешни работи, заокружувањето на евро-атлантската агенда, со акцент врз формалниот почеток на преговорите за членство во Европската унија беше една од важните теми на дискусија на состанокот.

„Шефовите на дипломатиите се согласија дека истрајноста на двете држави на овој курс и актуелните реформи поврзани со тоа, претставуваат дополнителна гаранција не само за просперитет и подобрениот стандард на граѓаните, туку и за севкупниот развој и односите во рамките на самиот регион“, стои во соопштението.

Соговорниците ја подвлекле потребата од реализација на проекти за инфраструктурно и енергетско поврзување, но и интензивирање на соработката во други области, како трговијата, туризмот, културата, образованието. Посебен фокус беше ставен и на Иницијативата 8, како вреден форум за унапредување на трилатералната соработка.

„Имаме добра шанса да обезбедиме комплементарност и реализација на сите иницијативи, вклучително и на Иницијатива 8, имајќи предвид дека со тоа ја зацврстуваме патеката што води кон Брисел“, нагласи Османи.

Во продолжение на посетата на Тирана, министерот Османи ќе се сретне и со претседателот Илир Мета, државниот министер за дијаспора Пандели Мајко, како и со лидерот на Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша.