Османи: Ако во јуни не започнат пристапните преговори, целиот процес може да колабира

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, за ТВ21 вели дека на билатералните средби на Самитот во Берлин зборувале за прашањето за добивање на датум и предупредува дека доколку во јуни годинава не се започне со пристапните преговори за полноправно членство во Европската унија, целиот процес би можел да пропадне.

По позитивниот извештај на Европската комисија за напредок, Османи се надева дека јуни ќе биде одлучувачки како неопходен месец за зачувување на позитивната атмосфера во регионот. По изборите во Европскиот парламент, вели дека земјите членки треба да го одржат ветувањето, со цел да го чуваат нивниот кредибилитет.

Јас мислам дека ако се тргне јуни, или оваа година за започнување на преговорите, целиот процес може да колабира, вклучувајќи го и Преспанскиот договор, динамиката на реформите и меѓуетничките односи. Затоа многу е важно земјите-членки да бидат доследни на договорот кој го имаме доколку ги исполниме нашите обврски. И ЕУ треба да ги исполни нејзините обврски бидејќи под овој принцип се базира кредибилитетот на ЕУ-изјави Османи.

Османи рече дека канцеларката Меркел ѝ препорачала на делегацијата на Македонија да разговараат со пратениците на германскиот Бундестаг, за и покрај ограниченото време да ги убедат да најдат простор во нивната агенда за да го разгледаат Извештајот за напредокот, кој ќе се објави на крајот на мај. Но, доколку Германија претставува техничка пречка за Македонија, што тогаш со Франција која е скептична за проширувањето на ЕУ?

Јас сум оптимист дека Франција и Холандија нема да бидат пречка на Северна Македонија во овој правец. Хипотетичка варијанта, која засега е само хипотетичка – доколку двете земји се оценат заедно, Албанија и Македонија, и доколку некоја од земјите -членки се двоуми за една од земјите, тогаш другата земја може да биде колатерална штета, но јас сметам дека оценувањето треба да биде индивидуално-вели Османи.

Коментирајќи ја одлуката на Франција за изготвување своја Стратегија за Западен Балкан, Османи рече дека оваа стратегија доаѓа по меѓуинституционалната анализа во Париз, каде заклучокот бил дека Франција не е доволно присутна на Балкан. Затоа вицепремиерот на ова гледа како на враќање на фокусот на Балканот, што ќе биде во корист на земјите кои не се членки на Унијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.