Османи: Ако заостануваме Албанија се приклучува на Србија и Црна Гора, а Македонија останува со БиХ и Косово

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека се појавува нова патека за Западен Балкан, пред сѐ поврзано со геополитичкиот момент и со Украина. Османи потенцира дека сега е во наши раце дали ќе бидеме дел од таа патека или ќе се изолираме. Албанија, додава тој, ќе се приклучи на Србија и на Црна Гора, ние ќе останеме со БиХ и со Косово.

Шефот на дипломатијата Османи вчера во Брисел имаше средба со еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји.

– Мислам дека тоа што ги кажа Вархеји и што го кажуваат сите во Брисел е дека дефинитивно се појавува нова патека за Западен Балкан, пред се поврзано со геополитичкиот момент и со Украина. Ова го кажувам отворено. Очигледно за Украина ќе има еден нов момент во однос европската перспектива дури оваа година. Не може да се премине Западен Балкан за да се овозможи таа патека, што значи дека ќе мора да има патека и овде и таму. Сега е во наши раце дали ќе бидеме дел од таа патека или ќе се изолираме. Со тоа Албанија ќе се приклучи на Србија и на Црна Гора, ние ќе останеме со БиХ и со Косово – рече Османи во интервју за ТВ 24.

Во однос на утрешната презентација на Извештајот за Северна Македонија од известувачот Илхан Ќучук и поднесените 320 амандмани, шефот на дипломатијата вели дека се дадени писмени реакции на сите амандмани, како и дека според последните информации гласањето ќе се одложи.

– Ние сме целосно вклучени, почнувајќи од мојата посета минатиот месец кога ги сретнав европратениците, сите кои се вклучени во резолуцијата. Дадовме писмени реакции на секој од предложените амандмани, разговаравме со сите земји – членки по однос на предлозите. Според моите информации од денеска, најверојатно ќе се одложи гласањето за некоја недела што остава плус простор, но се разбира пратениците имаат можност да предложат амандмани – рече Османи.

Запрашан да ги коментира наводите на официјална Софија за „спонзориран државен говор на омраза“ Османи рече дека во Северна Македонија такво нешто нема и дека доколку некој најде доказ тој ќе се извини.

– Јас истото го кажав и во Брисел, државите членки на Европската унија имаат свои амбасади, имаат меѓународните организации свои мисии. Еве нека констатира која било од овие амбасади или овие мисии доказ дека има државна политика на дискриминација кон која било заедница вклучувајќи ја и бугарската, јас ќе се извинам. И плус дека тоа доаѓа од човек кој и сам не доаѓа од мнозинската заедница – изјави министерот Османи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.