Османи тврди: Бугарија го призна нашето право на самоопределување!

163

Според она што може да се заклучи од одговорите на евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, договор меѓу амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Брисел за преговарачката рамка за Македонија не бил постигнат и покрај пишувањата на „Политико“ за т.н. бугарски компромис.

– Треба се уште да се дискутира за преговарачката рамка. Сепак се надевам дека до крајот на годината ќе се одржи првата Меѓувладината конференција, истакна евроамбасадорот Гир.

Прашан од новинарите дали Македонија е подготвена за т.н. бугарски компромис, преку кој би се дало зелено светло за отпочнување на пристапните преговори, министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека пристапот на Софија, кој предвидува дека постојат македонски идентитет и јазик, но се темелат на бугарски корени, не е нов.

– Ова не е нов пристап и поглед на Бугарија како да се реши отвореното прашање. Ние не сме дел од дебатата која се одвива во Брисел. Политичарите не можат со декрет да ги решат историските прашања. Сепак, вака Бугарија ги охрабрува Комисиите да продолжат да трагаат по решение, признавајќи го нашето право на самоопределување, одговори Османи.

Од друга страна, евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија е модус за напредок и е важно и двете страни да го спроведуваат.

Бујар Османи, пак, додаде дека новоформираните работни групи кои го преразгледуваат Договорот веќе имаат исчекори во насока на надминување на различните очекувања од потпишаното и најави средба во Софија со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.