Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска треба да се појави во Основниот суд во Скопје каде што треба да се одржи првото судско рочиште против него по тужба за навреда и клевета од страна на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП).
Османи лани во октомври за бугарската телевизија БТВ изјави дека треба да се види кој стои зад отворањето на македонскиот клуб во Благоевград. Тој го посочи ММДЧП како еден од финансиерите на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Османи тогаш рече дека се работи за фондација од Канада која работи спротивно на интересите на државата, спротивно на интересите на македонските стратешки партнери, тоа е организација која е антиамерикански, анти НАТО и анти ЕУ ориентирана. Тој оцени дека ваквата поставеност на работите е спротивна на интересите на македонските граѓани и на македонската заедница во Бугарија.
На 27 јануари 2023 година, претседателот на Македонското меѓународно движење за човекови права Бил Николов и организацијата (ММДЧП) поднесоа тужби за навреда и клевета пред Основниот граѓански суд Скопје и против медиумот 360 Степени.
Од ММДЧП сметаат дека Османи во интервју за БТВ изнесе целосно лажни, навредливи и клеветнички тврдења за движењето и за неговиот прв човек Бил Николов. Османи, според движењето изнел невистини и на неговата прес-конференција на 11 ноември 2022 година.
„Османи и 360 Степени се гласно критични против сите кои ќе изразат несогласување со режимот и со американските анти-македонски политики, и нивното кршење на човековите права и граѓанските слободи. Тужбите се за кршење на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета“, се наведува во соопштението од Македонското движење од Канада.