Османи: Два километри автопат звучи смешно, но вложени се големи напори

Владата прво најави дека целиот автопат од Скопје до Приштинаод ќе биде завршен до 2023 година, краен рок кој како предолг беше критикуван од бизнисмените. Сега, пак, надлежните најавуваат дека е можно и тој да биде пробиен.

„Неблагодарно е да се каже точно кога ќе биде. Тоа што за мене, имајќи го в предвид искуството во овие 20 години е дека процесот го ставивме во иреверзибилна фаза„ – вели вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Османи рече дека во јавноста звучи смешно тоа што се работи за само два километри, но конфигурацијата на теренот била специфична и затоа морало да бидат вложени големи напори.

– Знам дека може да ви звучи смешно 2 километри, но претходно немаше никакви подготовки. Дел од буџетот ќе ги покрие првите два километри од граничниот влез до селото Блаце.  Инаку за целиот автопат се добиени 27 милиони евра неповратни средства.  Многу институции беа вклучени заради спецификата на теренот и напорно работеа, за што многу сум благодарен, наведе вицепремиерот.

Првата фаза од два километри од границата до селото Блаце која треба да биде завршена за 18 месеци ќе чини 12.2 милиони евра, а тендерот го доби Гранит. Градежните работи требаше да почнат минатата пролет, но доцнат една година. Дотогаш треба да се завршат 68 експропријации на земјишта. Во Владата се оптимисти дека овој процес ќе биде завршен навреме, но не го откриваат буџетот кој ќе биде потрошен за оваа намена. Највисоката цена ќе изнесувала 50 евра за метар квадратен.

– Бирото за судски вештачења веќе направи проценка на вредноста на парцелите и очекувам до подобрувањето на временската ситуација да се најде решение и да заврши процесот на експропријација. Во секој случај станува збор за проект од државен интерес поради што не може да се стопира градбата, единствено сопствениците на парцелите може да ја обжалат понудената цена во суд, но тоа не не спречува да продолжиме со градбата, рече вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Автопатот Скопје-Блаце ќе чини меѓу 110 и 120 милиони евра. Првата фаза е целосно финансирана од ЈПДР во вредност од над 12 милиони евра. За втората фаза пари ќе се обезбедат преку заем од ЕБОР и грант од ИФЗБ.