Османи го открива планот на ДУИ како да се оствaри идејата за Албанец премиер !?

ДУИ и нејзиниот лидер, Али Ахмети немаат намера да се повлечат од барањето за прв премиер Албанец. И покрај негувањата и цврстите ставови од двајцата претенденти за премиерската функција, лидерите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, Заев и Мицкоски дека нема да прифатат ваков услов од интегративците во преговорите за влада сепак во ДУИ се цврсто убедени дека идејата е остварлива.

А, како што би можело да се реализира се чини еден од начините го откри вечерва вицепремиерот и висок функционер на ДУИ, Бујар Османи во интервју за Канал 5.

Според кажаното од Османи во ДУИ се убедени дека резултатите од гласањето на 15 јули ќе бидат слични на оние од изборите во 2016 по што СДСМ и ВМРО ДПМНЕ имале приближно ист број на пратеници, но недоволно за самостојно да формираат влада по што без пратениците на Ахмети ниту една од македонските партии не би имала мнозинство од 61 пратеник.

„Такви се предвидувања дека ДУИ ќе биде клучниот фактор за владата… Прво имаме три шпицен кандидатите, ние сите претендираме за мандат … Во 2016 година прво доби Груевски, не успеа, доби Заев можеше да не успеее третиот ќе беше Ахмети да го добие мандатот од претседателот на државата за да формира Влада. Тоа може да се случи и сега и тука нема ништо спорно“, рече Османи во интервју.

Интегративците се чинат сосема уверени дека нивниот, како што велат, натпартиски кандидат, Насер Зибери ќе биде новиот премиер.

„Ние не сме од вчера во политиката за да ветиме нешто што не можеме да го оствариме“, вели Османи.

Божиновски: Заев ја прифати Тиранската платформа, не би изненадило да прифати и Албанец премиер

Дел и од политичките аналитичари сметаат дека има основи ДУИ да веруваат дека нивното барање за Албанец премиер би се остварило. Владимир Божиновски, политички аналитичар од Институт за политички истражувања Скопје, смета дека и покрај предизборниот цврст став на лидерот на СДСМ, Заев дека нема да го прифати ултиматумот на ДУИ и дека нема ниту да преговара со нив за нова владина коалиција сепак искуството од минатите избори остава простор дека би можело да се случи пресврт во ставот на првиот човек на социјалдемократите.

„И на минатите избори ДУИ имаше услов тоа беше Тиранската платформа и тие немаа проблем тоа да го прифатат. Така што не би ме изненадело доколку се тие во можност да формираат влада и да им треба ДУИ дека ќе им го прифатат и овој услов. Не верувам дека ќе се формира малцинска влада по овие избори“, вели Божиновски.

За потсетување, главниот услов на ДУИ за поддршка за формирање Влада по изборите во 2016 беше Законот за јазици, дел од документот кој се нарекуваше Тиранска платформа зад која застанаа заеднички сите албански партии. Овој услов беше причина поради која што ВМРО ДПМНЕ и ДУИ не успеа да се договорат за формирање влада, по што мандатот за влада му беше даден на Заев.