Османи реферираше пред министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ

Во организација на шефовите на дипломатиите на Грција и Романија, Никос  Дендиас и Богдан Ауреску, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка денеска реферираа за европското досие на Северна Македонија пред своите колеги, министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ. На состанокот, учествуваше и генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи на ЕУ, Стефано Санино, како и Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западeн Балкан и дијалогот Белград – Приштина.

Како што соопшти МНР,  целта на состанокот беше да се рефлектира стратешката дискусија за Западен Балкан, одржана на 10 мај во Брисел и да се реафирмира ангажманот и заложбата на земјите членки кон европската перспектива на земјите од регионот, во пресрет на состаноците на Советот за општи работи во јуни.

Шефот на дипломатијата, Османи реферираше за реформскиот напредок, како и за чекорите превземени за надминување на проблемот со Бугарија и во насока на градење добрососедство. Порача дека Северна Македонија заслужи да се движи понатаму на европскиот пат, а Eвропскиот Совет во јуни конечно да ја материјализира одлуката за почеток на преговорите од март минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.

Усвојувањето на Преговарачката рамка и свикувањето на првата Меѓувладина конференција стана силна симболична точка кон која се вперени сите погледи на целиот регион, што ги издигнува до ниво на тест на кредибилитетот на ЕУ во однос на целиот Западен Балкан. Затоа, започнувањето на овој реформски фокусиран методичен и технички процес ќе испрати силен охрабрувачки сигнал до нашето општество и низ целиот регион, истовремено зачувувајќи ја строгата условеност воведена со новата методологија, која воведува посилен политички надзор од страна на земјите членки и реверзибилност на процесот – истакна Османи.

Овој состанок, како и стратешката дискусија за Западен Балкан, одржана на 10 мај во Брисел, ја истакнува фокусираноста на ЕУ кон Западен Балкан како и континуиранатадури и зајакната посветеност кон овој регион. Беше потврдена европската перспектива на целиот регион и силната поддршка за одржување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија, што е можно поскоро, стои во соопштението.