Османи и Петков во станицата „Битола 2“ на АД МЕПСО: Сите земји ќе имаат бенефит од овој проект

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со Директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани остварија работна средба со владината делегација од Република Бугарија предводена од Премиерот, Кирил Петков и Министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска кои се во посета на земјава.

Делегациите ја посетија трансформаторската станица Битола 2 на АД МЕПСО, кој енергетски ги поврзува Република Северна Македонија и Република Албанија, и преставува дел од поширокиот инфраструктурен проект за енергетско поврзување, дел од Коридорот 8.

„Оваа инвестиција ќе преставува уште еден капитален енергетски проект, дел од Коридорот 8, преку кој сите земји ќе имаат бенефит: Република Северна Македонија – да овозможи транзит и дополнителна диверзификаија на снабдувањето со електрична енергија; Република Албанија ќе добие пристап до изворите на енергија во Северна Македонија и Бугарија; додека Република Бугарија ќе добие можност да ја поврзе својата мрежа со најзападните делови на Балканот, и со тоа можност да го понуди вишокот на електрична енергија и на европскиот пазар“, истакна Османи, посочувајќи дека се работи за опипливи и мерливи придобивки, особено во денешните околности, кога енергетското снабдување станува посебно важно геополитичко прашање.

„Се надевам дека во иднина не чекаат бројни вакви посети на градилиштата на пруги, на автопати, на нови гранични премини, како што беше промоцијата и на новата авио линија меѓу Скопје и Софија“, истакна Османи, изразувајќи притоа уверување дека е тоа најдобриот начин да се стави поголем фокус во меѓусебната соработка на иднината отколку на минатото.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.