Османи им порача на здруженијата на Бугарите во Македонија да бараат посебна графа во пописот

Министерот за надворешни работи Бујар Османи преку својот профил на Фејсбук им порача на претставниците на здруженијата на Бугари во Македонија да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот.

„Целта е утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница, што би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата, и на соодветните единици на локалната самоуправа и воопшто на државата“ напиша Османи.

Тој рече дека никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница во земјава, и нивната посебност.

„Напротив, граѓанските организации треба да бидат охрабрени да соработуваат со властите и да бидат внесени во сите механизми за остварување на своите колективните права“, напиша шефот на дипломатијата Бујар Османи на својот Фејсбук профил, откако во јавноста имаше силни реакции за правата на бугарската заедница во земјава.

Овие реакции прво беа пласирани како мислење и ставови на одредени граѓански асоцијации, а потоа посочени како проблем и од одредени официјални претставници на Република Бугарија

Шефот на дипломатијата додава дека земјава има исклучително успешен модел на мултиетничко општество, а покрај колективните права на поголемите заедници, постојат функционални механизми за заштита и на помалите етнички заедници.