Османи изненаден од истрагата на СЈО против него

Информацијата за отворената истрага од страна на Специјалното јавно обивинителство (СЈО), иако уште претходно како шпекулација ја имав слушнато и прочитано во медиумите, сепак, претставува изненадување за мене, особено спомнувањето на моето име во контекст на евентуални злоупотреби, се истакнува во изјавата до средата вечерта на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој доаѓа од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ), која беше дел минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ и е дел од актиелната влада водена од СДСМ.

Претходно во средата беше објавено дека СЈО отворило шест нови истраги, меѓу кои и случајот наречен „Пациент“ во кој се осомничени 15 лица, меѓу кои и Бујар Османи како поранешен министер за здравство. СЈО ги сомничи дека фаворизирале и доделиле јавна набавка на фирма од Бугарија, за која иако знаеле дека не ги исполнува условите, била избрана да ги реконструира болниците во Тетово и Охрид, како и гинеколошата клиника Чаир во Скопје.

„Во мојата политичка и воопшто професионална кариера, и како Министер за здравство порано, и сега, како Вицепремиер, предводник на Секретаријатот за европски прашања, секогаш сум работел според закон, и во интерес на сите граѓани на Република Македонија“, вели во писмената изјава за медиумите Османи.

Вели дека задржувајќи го истиот принцип сака да испрати неколку пораки, меѓу кои и дека поведената истрага ја смета за „нормална, коректна и професионална“ обврска на обвинителството и оти му стои на располагање на СЈО и на кој и да е друг правосуден орган во земјава „за соработка во интерес на идентификување на целосната фактичка состојба“.

„Сакам да потенцирам дека немам што да кријам, напротив, очекувам што е можно побрза и поефикасна истрага, а со цел да се утврди вистината – дека ниту сум влијаел, ниту сум можел да влијаам, а ниту сум можел да бидам запознаен со евентуална злоупотреба, секако, доколку таква постоела“, тврди Османи.