Османи: Коцките се наместени, годинава треба да се најде решение за името

Оваа 2018 година е година кога треба да се реши спорот со Грција за името, оти веќе следната година настануваат нови околности, чиј исход не може да се предвиди, рече во понеделникот вечерта вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи во разговорот за емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5.

„Коцките се наместени, треба да се најде решение и тоа да се материјализира во конкретни чекори. Во 2019-та коцките се изместуваат. Причините за јасни. Во 2019 година цела Европа е на избори за Европскиот парламент, Грција има избори и Македонија, исто така, и тешко ќе биде и внатре во државите да најдеме можност за решение. Затоа велам дека 2018-та е без алтернативна“, истакна Османи.

Додаде дека доколку годинава не биде изнајдено решение, се влегува во еден непредвидлив период, сличен на оно по Самитот во Букурешт пред десет години.

„Како одговорни политичари не смееме една мала, фрагилна држава да ја оставиме сама во еден непредвидлив период“, рече Османи.

Вицепремиерот изрази очекување дека опозицијата ќе се врати во Собранието и ќе биде обезбеден потребниот консензус за носење на, како што ги оцени, реформските закони.

Во врска со контроверзниот Закон за јазиците и огромниот број од над 35 илјади амандмани поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Османи рече дека очекува оти опозицајата „ќе се вразуми“ и ќе ги повлече.

Османи потврди дека ДУИ останува на ставот дека има потреба од консензуален кандидат за претседателските избори следната 2019 година, затоа што, како што рече, шефот на државата е „кохезивен фактор“ на општеството и треба да ја рефлектира волјата „барем на двете етнички заедници“.