Османи: Кога ќе се објават уставните амандмани ќе пропадне во вода пропагандата на опозицијата

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во интервју за Гласот на Америка рече дека очекува комисијата за уставни измени наскоро да излезе амандманите кои ќе се претстават во јавноста со цел да се отвори јавна дебата.

Со ова, вели Османи, ќе се расчистат сите дилеми околу уставните измени и дека тие само го зацврстуваат мултиетничкиот карактер на државата.

„Прво, во однос на уставните измени сметам дека со формирањето на Комитетот веќе процесот е и формално лансиран. Очекувам Комитетот, односно таа комисија да излезе со амандманите, амандманите да се претстават во јавноста, да почне јавна дебата, да почнат пратениците исто така во своите тела да дебатираат по однос на амандманите и тогаш ќе се расчистат сите дилеми“ – вели Османи во интервјуто.

Тој вели дека кога ќе се видат формулациите на амандманите, ќе се види дека целата пропаганда на опозицијата, на противниците на европскиот пат на државата, на противниците на прогресот на државата, ќе паднат во вода затоа што уставните амандмани всушност само го зацврстуваат мултиетничкиот карактер на нашата држава и на нашето општество, го збогатуваат и имиџот на државата пред светот и дека целиот страв кој што бил создаден, имало за цел некој да добие власт, да добие фотелји, притоа злоупотребувајќи ги емоциите, злоупотребувајќи ја загриженоста на граѓаните по однос на иднината на државата.