Османи не ги штити македонските национални, туку само своите пиар интереси, смета Андоновски

Морам да го кажам моето лично мислење затоа што информациите коишто ги имам и коишто допираат до мене, се чини дека станува збор за еден изолиран инцидент кој успеа заради неспособност, но многу повеќе заради понизност да влезе во еден поширок меѓудржавен наратив, истакна Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисија „Што не е јасно“ на Алфа телевизија во врска со неодаменшниот инцидент со членот на бугарскиот културен клуб во Охрид.

„Зошто изолиран инцидент? Затоа што се работи за едно младо лице за коешто имаше, односно проструија информации дека има лични и друг вид проблеми и недоразбирања со луѓето коишто го нападнале. Веднаш да кажам дека јас на ниеден начин не одобрувам насилство во било кој облик, дали било лично, дали било поттикнато од некаков етнички призвук, дали имале некои недоразбирања во врска со должничко доверителско односи. Насилство не е решение на ниту еден проблем. Но, се случило насилство и е инцидент во Охрид. Но, мислам заради понизноста на Владата, особено на Бујар Османи тој влета во наративот кој што бугарските високи политичари го креираат, а особено го заострија знаејќи дека влегуваат во избори во април оваа година“, рече претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Андоновски додаде дека шефот на дипломатијата Османи требаше да сочека да се увиди која е вистината, а потоа врз основа на таа вистина која што ќе ја утврди Обвинителството и Судот да реагира. Но, какп што истакна Андоновски, Османи во оваа ситуација сакаше да изигрува и полицаец и обвинител и судија, и веднаш замина во Софија.

„Османи правдајќи се во Софија, веднаш рече дека се работи за етнички инцидент, веднаш го квалификува како меѓуетнички проблем и дека тој потекнувал од население кое што претходно имало такви проблеми, самото тоа население и заради тоа во целосна заштита застанува на жртвата. Јас не велам дека жртвата не треба да има заштита, но ајде да ја дознаеме целата вистина па да си го заштитиме системот“, рече Андоновски.

Посочи дека во ситуација кога целиот систем постапил за да ја расчисти ситуацијата и да не се верува на тој систем и да се влета во ситуацијата како некој спасител единствено служи на личниот пиар интерес на Бујар Османи.

„Јас често кажувам дека Бујар Османи како агенда ги нема македонските национални интереси. И луѓето секогаш тука ставаат запирка, и велат аха сигурно тогаш албанските ги штити. Не, Бујар Османи единствено ги штити своите лични маркетиншки интереси. Станува збор за неговиот профил, за неговиот лик, дека секогаш тој треба да биде во преден план и да се фотографира. Тоа му е намерата. Никогаш не му е ниедна поголема од таа, од личната“, нагласи Андоновски.

Укажа, исто така, дека го плаши наративот што се создава во Бугарија во врска со случајот.

„Доблесна Влада целата би требало да си даде оставка. Не само министерот за надворешни работи. Ние забораваме што значи лична и политичка одговорност. Затоа што имате влади во исто толку развиени држави како нашата кои што велат луѓе јас не можам вака да владеам, извинете мој гаф, моја грешка, еве ја власта назад. Во овој случај имате т.н. европска влада која што не знае што се попрво да направи од притисоци, уцени, закани само да остане ден подолго на тоа столче“, вели Андоновски.

Се осврна и на реакциите на претседателот Стево Пендаровски и неговите одлуки. Андоновски  рече дека тој наместо да делува како претседател на држава, тој делува како независен аналитичар.