Кандидатката на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) за премиерка, Вјоса Османи порача дека идната косовска Влада треба да ја водат партиите победнички на неделните изборите, кои до вчера беа во опозиција, ЛДК и Движењето Самоопределување (ВВ), јави дописникот на МИА од Приштина.
Османи вели дека единствениот предизвик сега е постигнување договор за коалиција, но нагласува дека друга алтернатива освен влада на ЛДК и ВВ нема.
Нејзината реакција, објавена преку Фејсбук, уследи по изјавата на лидерот на ВВ Албин Курти, дека доколку не се постигне коалиција со ЛДК земјата повторно ќе оди на ибори.
Османи во своето обраќање потенцира дека за многу кратко време, заедно со соработниците, успеала да ја издигне партијата до резултат каков што немала уште од 2004 година.
– Меѓутоа, ни останува уште многу работа да завршиме, уште многу предизвици да пребродиме, а тоа можеме да го постигнеме заедно. Конечно, граѓаните не само што гласаа, туку тој глас беше повик за промена и казна за лошото владеење. Граѓаните, исто така, ја определија новата влада, која треба да биде составена од довчерашната опозиција. За мене нема ниедна друга алтернатива. Коалицијата ЛДК-ВВ има многу предизвици пред себе, но треба да има само еден интерес: оној на граѓаните на Косово, напиша Османи.
На неделните вонредни парламентарни избори во Косово победи ВВ со освоени 25,49, а втора беше ЛДК со 24,82 отсто од гласовите. Од досегашните владејачки партии, Демократската партија на Косово (ПДК) е трета со 21,24 отсто, Алијансата за иднината на Косово (ААК), која коалицира со Социјалдемократската партија (ПСД) освои 11,57 отсто, додека коалицијата на другите две партии од досегашаната влада, Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и Алијансата Ново Косово, е под прагот од пет отсто за освојување места во идното Собрание, односно има освоено 4,96 отсто од гласовите.