Османи од Брисел порача: Топката е кај Република Бугарија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на првата седница на формалниот Совет за надворешни работи на ЕУ со министрите од Западен Балкан. Османи порачал дека на Бугарија е да го искористи политичкиот момент за спас на кредибилитетот на ЕУ во регионот, јави дописничката на МИА од Брисел.

За прв пат денеска шесте министри за надворешни работи од земјите на Западен Балкан беа поканети да бидат дел од редовниот формален Совет за надворешни на министрите на ЕУ. Тема на средбата беше војната во Украина, нејзините последици и влијанието на Русија во регионот.

Министерот Османи, за МИА изјави дека пред неговите колеги од ЕУ предупредил на економските и политичките последици од овој конфликт во регионот, како и потребата да се спаси кредибилитетот на ЕУ токму во овој момент, со тоа што ќе се деблокира процесот на преговори со Северна Македонија. За македонската страна на потег е Бугарија, Северна Македонија исполни сѐ што беше побарано од неа.

-Ќе повторам, топката е во Република Бугарија. Република Бугарија треба да одлучи дали ќе го искористи овој момент за целиот регион после овие случувања во Украина, дали ЕУ ќе преземе стратешко лидерство во регионот. Република Северна Македонија беше конструктивен партнер во овие разговори, во исполнувањето на овие критериуми. Се плашам дека може да се изгуби овој момент што го имаме сега. И како што реков на самиот Совет за надворешни работи, најголемиот подарок за Русија ќе биде токму уривање на кредибилитетот на ЕУ во регионот, изјави Османи за МИА и потенцираше дека во овој момент нема договор меѓу двете страни којшто може да биде основа за потпишување на некаков договор, туку дека се разгледуваат начини да се вклопат различните пристапи во сеопфатно решение.

Ова Османи го изјавил денеска пред 27-те министри на ЕУ, меѓу кои и бугарската министерка, Теодора Генчовска, која, според изворите на МИА, не покажала флексибилност на денешниот состанок.

Во случај повторно Бугарија да ја блокира Северна Македонија во јуни, Османи вели дека ќе треба “да седнеме и да видиме“ како понатаму.

-Тоа што ќе изгуби најмногу ќе биде политичкиот момент, бидејќи се помалку гледам политички капитал во двете држави којшто може да се фокусира со цел да се постигне решение помеѓу двете држави, а со тоа и за европската перспектива на регионот. Се надевам дека нашите бугарски партнери ќе го препознаат тој момент којшто е сега, а што понатаму, ќе треба да седнеме и да видиме, рече министерот.

Истовремено, Северна Македонија, преку шефот на дипломатијата, ставила до знаење денеска дека ЕУ мора да и помогне на државата да се справи со последиците од војната: енергетска криза, инфлација, рекордно покачување на цените на основните производи, сето тоа паралелно со прогласувањето на статус на Северна Македонија како „непријателска земја“ од страна на Русија, поради усогласувањето со западните санкции.

-Нашиот однос кон Русија е наше морално и стратешко убедување, тоа е вистинската страна на историјата, но последиците ги споделуваме заедно со ЕУ. Такви средби имав и денеска во Европската Комисија, укажував на економските последици кои ги има државата поради тоа и заедничкиот пристап. ЕК веќе донесе одлука дека земјите од Западен Балкан може да влезат во заедничкото обезбедување на гас, зборувавме за макрофинансиска поддршка на земјата, зборував за обидите за диверзификација на изворите на енергија, порача шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Во однос на макрофинансиската помош и износот што го бара Северна Македонија од Европската Унија, министерот изјави дека со тие прашања се занимава Министерството за финансии и Владата, но дека добил впечаток оти во Унијата и во Европската Комисија има разбирање.

Мислам дека се свесни во Европската Комисија и во Европската Унија и се обидуваат регионот да го вклучат во тие мерки за ублажување на последиците, за нас сметам дека е исклучително важен пристапниот процес затоа што тоа е основа за понатаму другите прашања, истакна Османи, кој повтори дека идните месеци, па и години, се предвидува да бидат кризни не само за Западниот Балкан, туку и за цела ЕУ.

Според информациите на МИА, на денешниот состанок станало збор и за предлогот за Европската политичка заедница на францускиот претседател, Емануел Макрон. Земјите од Западен Балкан добиле уверување дека овој предлог не значи алтернатива за полноправно членство во ЕУ, но без повеќе детали. Деталите од овој план Макрон се очекува да ги сподели прво со неговите колеги, лидери на ЕУ, на претстојниот самит на ЕУ на крајот на мај.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.