Османи: Отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ е облак врз добрососедските односи

Провокација која ги руши надежите за добрососедство. Провокација на која не смееме да потпаднеме, порачува шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, во врска со отворањето на клубот “Ванчо Михајлов” во Битола.

МНР ќе остане без официјална реакција во врска со настанот. Така ќе го оправдаме бугарското обвинување дека сме држава која не ги почитува човековите права, вели Османи.

“Мислам дека беше провокација. Не отворањето, туку името на клубот е провокација за нашите граѓани и држава, бидејќи така се перцепира. Тоа е несреќен избор на име, не можам да кажам кои се намерите позади тоа. Останува бугарската заедница и држава да кажат кои се нивните вредности и ќе треба да се објаснат пред светот за ова. На бугарските политичари им укажавме какви ќе бидат реакциите, вели Османи.

Анализата на МНР покажа дека единствен правилен одговор е не да го забраниме, туку да не присуствуваме на настанот, што е доволно силна порака, дополни министерот.

Во Битола присуствуваа лица токму со намера да провоцираат, а оценката е дека ваквите настани не придонесуваат за добрососедство.

“Сигурно е дека е ставена дамка на односите, на разговорите, на преговорите. Облак е спуштен на сето тоа што се обидовме овие шест месеци да го изградиме и да го разбистриме воздухот. Но не можам да дозволам ова да го руши процесот”.

А процесот за изнаоѓање решение се одвива во позадина.

Јуни е недофатлив рок за менување на Уставот, но Османи е дециден – не можеме да ги внесеме Бугарите во преамбулата пред почетокот на преговорите и тоа нема да се случи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.