Османи порача Охрид да стане центар на ОБСЕ за преговори за помирување и дијалог

Денеска е важен ден на нашето претседавање со ОБСЕ бидејќи има посебна сесија на Советот за безбедност свикана само заради претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ. Тоа е сериозна можност Република Северна Македонија на врвот на пирамидата на светската безбедносна архитектура да се обиде да создаде синергија помеѓу ОБСЕ и ОН под наше претседавање, вели шефот на дипломатијата и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.

-Ова е од исклучително значење не само заради можноста на највисокото тело да ги претставиме приоритетите на нашето претседавање, меѓутоа фактот дека се случува во вонредни околности. Ние сме во ситуација кога првпат двете тела коишто се одговорни за мир и безбедност во светот се блокирани. Советот за безбедност не може да донесе ниту една одлука, ОБСЕ е блокирана исто така како регионална безбедносна организација. И тоа ќе бидат денес повиците мои како претседавач на нашето претседавање како повик за мир, за спречување на војната во нашиот континент и ставање во функција на механизмите и инструментите на овие организации, коишто се изградени во последните децении, вели Османи од Њујорк, каде е седиштето на Светската организација, во онлајн брифинг за медиумите.

Тој се заблагодари на швајцарскиот министер кој е претседавач овој месец со Советот за безбедност за одлуката да свика посебна сесија за приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во рамки на одбележување 30 години соработка помеѓу ОН и ОБСЕ.

-Оттука, одиме за Вашингтон каде што со премиерот ќе имаме можност и во национален капацитет да разговараме билатерално во Вашингтон на највисоко ниво, меѓутоа повторно и како претседавач на ОБСЕ да разговараме за теми од интерес, а ќе имам можност исто така да ги сретнам сите амбасадори на ЕУ овде во Њујорк за да ја искористам можноста да разговараме и на теми коишто се во делот на ОБСЕ и ЕУ, но и Северна Македонија – ЕУ, истакна Османи.

Во однос на ОБСЕ, тоа што како порака се сумира од нашето претседавање до сега вели е дека нашиот внатрешен модел на функционална меѓуетничка демократија, меѓуетнички односи, начинот на којшто државата функционира со сета своја разновидност ги привлекува сите страни во конфликтот секаде да бидат повеќе запознаени за еден таков успешен модел на интегрирање на заедниците.

-Оттука се повеќе Охрид станува центар, се надевам скоро и ОБСЕ – центар за преговори за помирување и за дијалог. Бидејќи после Косово – Србија дијалогот којшто се случи во Охрид имаме планови наскоро тие министри за надворешни работи од други конфликтни региони да ги продолжат разговорите токму во Охрид. Така што, Охрид и Северна Македонија веќе стануваат на мапата како модели коишто можат да помогнат – успешни модели, меѓутоа да имаат и кредибилитет да можат тие да ги седнат на маса и да овозможат помирување, спречување на конфликти и превенција итн. И тоа се разбира во сите региони каде што има ОБСЕ, каде што има конфликт, наведува Османи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.