Османи: Првата група блокирани граѓани во Италија ќе дојде со автобус и ќе биде во карантин

Проблемот со враќањето на нашите државјани кои се блокирани во Италија, добива одреден правец. Вицепремиерот Бујар Османи за ТВ 21 открива дека веќе ја примил листата со околу 350 имиња на лица, која ја претставил на владина седница и донесени се неколку заклучоци. Првите кои ќе се вратат се тие кои прифатиле да дојдат со автобус и да бидат во државен карантин во хотел.

„Првата група на тие што прифатија да дојдат со автобус и да бидат во државен каранатин е околу 68, ако денеска евентуално се зголеми листата, ќе оцениме, нив можеме да ги организираме ние. Веќе МНР презема одговорност од штабот за организирање автобус за да ги донесе тука, рече Бујар Османи за ТВ 21.

Автобусите ќе ги организира и плати Владата, вели Османи. Освен оваа група што ги прифатила условите, тој вели дека има и две други категории. Една е граѓани кои сакаат да дојдат со приватни возила и други кои бараат домашен карантин бидејќи се со деца под 5 годишна возраст.

„За тие што имаат мали деца, Комисијата за заразни болести треба да ни објасни една варијанта за евентуално тестирање кога ќе дојдат а потоа да одат во домашна изолација. Ова го чекаме од нив да видиме дали можеме да направиме така. А тие што се со приватни возила ќе чекаме уште малку да видиме како можеме да помине овој конвој преку Србија и други земји  бидејќи има ограничувања и не зависи од нас туку од другите држави“, додава Османи.