Османи: Средбата на албанските лидери во Тирана е новогодишна, не треба да се создава некаква конспирација

Средбата што за утре ја најави премиерот на Албанија, Еди Рама, со лидерите на албанскиот политички блок од Северна Македонија мислам дека ќе биде новогодишна средба со цел размена на мислења за актуелностите во регионот, очекувањата во Новата година, посакување на една подобра соработка во текот на оваа година, одговори на новинарско прашање министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција по денешниот состанок со амбасадорите на САД и на Јадранската повелба.

Според него, за оваа средба нема некоја однапред предвидена агенда за која ќе се разговара, туку тоа повеќе ќе биде новогодишна средба со цел посакување успех во годината што е пред нас.

„Се наоѓаме во година во која има војна на нашиот континент, има многубројни предизвици, заедничките аспирации на двете земји за продолжување на преговорите за членство во Европската унија“, вели Османи.

Шефот на македонската дипломатија не смета дека треба да се создаде некаква конспирација по однос на овие средби.

„Сите средби во кои се комуницира, во кои се разменуваат идеи, информации, ставови се од благосостојба на нашата земја, но и на другите“,рече Османи.

Тој додава дека премиерот на Албанија е докажан пријател на Република С Македонија.

„Тоа посебно го докажа во текот на овие месеци со преговори со Република Бугарија, кога буквално на сметка на интересите на Албанија се изложуваше кажувајќи ги позициите и на Република С Македонија во тој дел“, додаде Османи.

Како што објави албанската новинска агенција Журнал, повикувајќи се на извори од албанските партии, премиерот на Албанија, Еди Рама, наводно, ги поканил на неофицијална средба лидерите на сите политички партии од албанскиот блок во Северна Македонија.

Средбата ќе се одржи во вторник (10 јануари) во Тирана.

Покана за средбата добиле лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, првиот човек на Беса, Билал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, како и лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи.

Алијанса за Албанците и Алтернатива се „за“ средба на сите партии од албанскиот блок во земјава со албанскиот премиер Еди Рама, но, како што јавува Алсат, лидерот на Беса, Билал Касами, не сака да седне на иста маса со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети.