Османи утре на средби со Борисов и Захариева

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на 9 октомври 2020 година  ќе престојува во работна посета на Република Бугарија и ќе оствари средба со претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов и заменик-претседателката на Владата на Република Бугарија за правосудна реформа и министер за надворешни работи, Екатерина Захариева.

Посетата претставува прва билатерална посета на министерот Османи и е во духот на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји и интензивирањето на политичкиот дијалог. На средбата ќе се разгледаат можностите за продлабочување на билатералната соработка во областа на инфраструктурата, здравството, одбраната, туризмот, образованието, културата, како и сите други области во кои се остварува успешна соработка согласно напорите за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Министерот Османи со премиерот Борисов и со МНР Захариева ќе разменат мислења за напредокот на Регионот во процесот на европската интеграција, како и за активностите кои и претстојат на Република Северна Македонија, напредокот на реформскиот процес и одржувањето на првата Меѓувладина конференција и формалното започнување на пристапните преговори со ЕУ до крајот на годината, за време на германското претседавање со Советот на Европската унија.

Како ко-претседавачи со Берлинскиот процес, министерот Османи со својот домаќин, министерката Захариева ќе ги разгледаат досега преземените и идни ангажмани во пресрет на состаноците и Самитот на Берлинскиот процес кој ќе се одржи на 10 ноември во Софија.

Тема на разговорите ќе бидат и актуелните состојби во Регионот, регионалната соработка и други значајни меѓународни теми.