Османи вели дека Софија повеќе не смее да условува

Првпат идејата за внесување на Бугарите во Уставот ја слушнав од висок претставник на ВМРО – ДПМНЕ и така е родена таа идеја за решавање на односите со Бугарија, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи во вечерашната емисија „Топ тема“, без да открие за кого станува збор.

– Но, сега опозицијата користи пропаганда и конспирација и лажни вести – истакна Османи.

Тој рече дека во процедура се уставните измени кои комисијата веќе ги одобри.

– Најважен ми е моментот уставните измени да се објават за граѓаните да ги прочитаат и на тој начин да запрат сите приказни во јавноста дека ќе се загрози идентитетот – вели шефот на македонската дипломатија.

На прашањето,дали ќе се чека утрешната лидерска средба за тие да поминат на Влада и потоа да се испратат во Собрание, Османи додаде дека би било добро да има позитивен исход таа средба, во спротивно опозицијата би испуштила историска шанса барем еднаш во поновата историја на оваа држава да придонесе во важни државни процеси кои носат стабилност и иднина.

Тој рече дека се уште стои предлогот на маса, доколку опозицијата ги изгласа уставните измени истиот ден да се распишат предвремени парламентарни избори.

Османи додаде и дека Бугарија не може да додаде услови во преговарачката рамка, бидејќи, како што рече, „никој не може да преговара преговарачка рамка“.

– Јас гарантирам дека Бугарија нема да може да додаде ниту едно друго барање од тоа што е во преговарачката рамка – заклучи Османи.