Османи: За јазикот нема да се преговара со Бугарија, а имаме договор за пет историски личности

Фактот дека во Бугарија има политичка влада веќе дава надеж дека две легитимни власти можат да седнат и да разговараат за сите прашања и првите пораки од даваат оптимизам, оценува шефот на дипломатијата, Бујар Османи, во интервју за бугарската ТВ Нова.

Сепак, тој порачува дека роковите кои се споменуваат од Бугарија за шест месеци, за нас се предолги затоа што предолго чекаме, но и бидејќи кредибилитетот на ЕУ во регионот е сериозно предизвикан. Решение, смета министерот, може да има уште во јануари.

– Јас разбирам само еден аргумент – фактот дека немаше политичка влада. Меѓутоа сега навистина нема причина да се даваат долги рокови кога има политичка влада и стабилно мнозинство и во Република Бугарија и во Република Северна Македонија и може да седнеме уште утре и да продолжиме со разговорите и веќе во јануари да имаме решение – рече Османи за ТВ Нова.

Тој во интервјуто вели дека премиерот Зоран Заев имал позитивни впечатоци по телефонскиот разговор што го има со новиот бугарски премиер Кирил Петков веднаш по неговиот избор, од причина што се враќа нормалната комуникација во која освен фокусот на минатото треба да се зборува и за иднината.

Во однос на јазикот министерот потенцира дека тој треба да се нарекува онака како што е и предложено од Европската комисија (ЕК) – македонски јазик. Тој, според Османи, не може да биде дел од билатерален спор. Како излезно решение, вели министерот, може да биде предлогот двете земји да имаат свои унилатерални ставови за јазикот, а ЕУ тоа да го забележи.

Овие ставови тој ги изнесува на прашањата дали Република Македонија е спремна на некакви компромиси со оглед дека претходната министерка Екатерина Захариева бараше јазикот да се нарекува „официјален јазик на Република Северна Македонија“, и како Скопје сака да се нарекува јазикот.

– Како што е предложено од страна на ЕК – македонски јазик. Јазикот е прашање кое произлегува од правото на самоопределување на секоја држава. Обично државите признаваат држави, а не атрибутите што ги имаат тие држави и затоа сметаме дека тоа не е прашање кое треба да биде дел од билатерален спор или, пак, пречка на патот за членство во ЕУ. Предлогот на европското претседателство со тоа што двете земји да имаат свои унилатерални ставови до Унијата по однос на јазикот, а Унијата да ги забележи двата става, сметаме дека е предлог кој кое може да донесе излезно решение – одговори Османи.

Министерот зборува и за македонското малцинство во Бугарија за кое вели дека земјава нема да се меша и прави паралела со тоа како е уреден Уставот во двете земји.

– Република Северна Македонија нема да се меша во внатрешното уредување на Република Бугарија во однос на тоа како се организирани граѓаните. Република Северна Македонија и Република Бугарија имаат различно уредување во однос на етничкото организирање на граѓаните. Кај нас се препознаваат и признаваат етнички заедници па во Уставот имаме македонски народ, дел од албански народ, ромски народ итн. Во Република Бугарија тоа го нема во уставното уредување. Нашиот став е дека прашање на Република Бугарија како ќе се организира и ние немаме никакви намери да се мешаме – вели шефот на дипломатијата.

За внесувањето на Бугарите во Уставот, како и за прашањата како што се говорот на омраза, краткото и долгото име на државата, рехабилитацијата на жртвите од комунизмот и др., потенцира Османи, Македонија даде одговор до Бугарија, но не доби повратен одговор.

Зборувајќи за предлогот на бугарскиот премиер за формирање повеќе комисии помеѓу двете држави, тој посочува дека такво нешто е предвидено токму и со Договорот за добрососедство од 2017 година.

– Договорот предвидува два инструмента. Една од нив е меѓувладината комисија, во која учествуваат неколку министри предводени од министрите за надворешни работи. Тоа се шест-седум министри од наша и шест-седум министри од ваша страна, да седнеме и да разговараме отворено – овде има напредок, овде нема … Овие групи за кои зборува премиерот Петков се всушност враќање на главниот инструмент на Договорот – меѓувладината комисија со сите групи кои се дел од оваа комисија. За жал, веќе година дена бараме да се одржи втората седница, но немаме одговор од другата страна – вели Османи, додавајќи дека вториот инструмент, пак, е историската комисија која мора да најде заеднички јазик.

Тој оценува дека историската комисија имала одреден напредок и биле постигнати договори околу текстовите за пет историски личности и два периоди и вели дека требало да се продолжи со истата динамика и препораки за учебниците.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.