Портпаролот на Централниот изборен штаб на ДУИ, Бујар Османи, рече во неделата дека очекува неговата партија да биде сигурен победник на претстојните предвремени парлементарни избори во албанскиот дел од електиоратот, и да ја оствари една од најголемите победи во нејзиното политичко постоење зашто е „кормилар на евроатлантскиот пат во државата” и не ја исклучува можноста за правење постизборни коалиции.
Османи посочи дека неговата партија „не се плаши“ оти предизборната коалиција меѓу СДСМ и БЕСА ќе го намали бројот на пратеници што тие ќе го освојат, бидејќи се убедени во апсолутна победа на изборите. Портпаролот ДУИ повторно оцени дека станува збор за „непринципиелна коалиција поради опстанок“ на политичката сцена, но не ја исклучи можноста од постизборна соработка со овие две партии.
Османи рече дека ДУИ сега е фокусирана на кампањата и дека политички калкулации ќе се прават по објавување на резултатите.
„Сега сме фокусирани да комуницираме со граѓаните и да ја добиеме нивната поддршка. Прашањето на коалициите станува тема на разговор по изборите, откако граѓаните ќе одлучат кој има право да формира коалиција“, рече Османи на денешната прес-конференција во одговор на прашање.
Според него, општо е познато во државата, но и кај меѓународната заедница дека ДУИ е заштитник на трите договори – Рамковниот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија за добрососедство.
„Имајќи ја предвид улогата на заштитник на трите договори такви ќе бидат и натамошните одлуки на ДУИ во однос како ќе функционира државата. На граѓаните им е јасно дека ДУИ е партија која испорачува, има визија и има конзистентност. Може да доцни, но секогаш испорачува. Сметам дека граѓаните очекуваат од политичките партии да не прават по цел ден партиски калкулации како да опстојат на политичката сцена преку непринципиелни коалиции и здружувања, туку да работат во нивниот интерес. Во ДУИ особено Албанците го гледаат нивниот интерес и поради историјата и поради листата на испорачани прашања кои ги има во целиот мандат. Затоа сме апсолутно убедени дека оваа ќе биде една од најголемите победи на ДУИ“, рече Османи.
За обвинувањето дека ДУИ ги уценувало партиите од македонскиот блок, Османи рече дека тоа го правеле ако уценување е потребата од донесување на решение за решавање на спорот со името и отворање на патот кон НАТО и ако уценување е потребата за потпишување на Договорот со Бугарија или потребата од донесување на Законот за јазици за релаксирање на меѓуетничките односи со цел создавање на инклузивна држава.
„Тогаш ДУИ уценувала, но никогаш за партијата, секогаш за интересот на граѓаните и секогаш за потребата државата да оди напред. Горди сме дека со овие прашања сме условувале влади, но токму тие прашања денеска не доведоа до ситуација да можеме да кажеме дека де факто сме веќе членка на НАТО и дека патот кон ЕУ е силно полочен“, посочи Османи.
Во врска со кршењето на неколку двојазнични табли на институции напишани и на албански јазик, тој рече дека тоа е најверојатно направено заради непознавање на Законот за јазици.
„Законот е јасен. Подрачните единици на министерствата или институциите кои покриваат најмалку една општина во која има повеќе од 20 проценти Албанци се довјазични институции. Тоа значи дека подрачните единици во Прилеп кои ја покриваат општината Долнени исто така се двојазични затоа што според Законот покриваат најмалку една општина со 20 отсто Албанци, како и во Велес кои ја покриваат општината Чашка, а тамошниот Фонд за здравство дури го покрива и Липково. Повикувам на смиреност има Агенција за имплементација на јазикот и Инспекторат и треба да им дозволиме на институциите да го имплементираат законот“, потенцираше Османи.