„Осмиот патник“ со арапско потекло по грешка бил ставен на списокот на преживеани

Мистериозниот патник со арапско потекло Шади Науф ал Садех, а кој се најде на списокот со преживеани во болницата во Софија, вечерва се јави во редакцијата на БНТ, при што тврди дека тој нема ништо со трагичната несреќа и дека по грешка е ставен на списокот.

Ал Садех, кој е бугарски државјанин, вели дека тој бил во болницата „Пирогов“ затоа што му била скршена раката и не знае зошто го напишале неговото име на списокот на повредените од несреќата, објави БНТ.

Како што вели тој, поради фрактура на раката бил примен на одделот за трауматологија во болницата „Пирогов“.

Името на Шади ал Салех кое се најде на списокот на преживеани предизвика многу шпекулации за тоа кој е мистериозниот „осми патник“ кој ја преживеал несреќата. Синот на еден од возачите на автобусот, во изјава за бугарската БНТ рече дека го видел името на ал Салех напишано покрај имињата на другите преживеани.

Исто така оваа информација се зголеми по вчерашната прес-конференција на бугарското обвинителство, каде што портпаролката Сијка Милева рече дека во разговор со еден од преживеаните со кого разговарале и објаснил дека од автобусот во кобниот момент биле спасени осум патници, а не седум како што претходно беше објавено.

Во меѓувреме, со сведоштво се јави уште еден патник кој требало да биде во автобусот кој изгоре на автопатот „Струма“, но по грешка ги ставил куферите во друг автобус на „Беса транс“ и патувал во него.