Основачите на СДСМ Куманово го поддржаа Максим Димитриевски

Го поддржувам Максим Димитриевски затоа што покажа како се работи за сите граѓани, изјави во понеделникот основачот на општинскиот огранок на СДСМ во Куманово, Миле Арсовски

Вечерва, голем број истакнати членови на Социјалдемократскиот сојуз, како и дел од основачите на СДСМ во Куманово, меѓу кои Страшко Илиевски, Младен Славковски Маџо и Миле Арсовски застанаа со поддршка зад независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски и граѓанскиот концепт „За наше Куманово“.

„Го поддржувам Максим Димитриевски затоа што покажа како се работи за сите граѓани. Тој е социјалдемократ и секогаш се бори кумановци да живеат подобро. Вечерва, со моите партиски другари му ја дадовме поддршката затоа што ја заслужува. Му посакуваме многу успех во недела“, рече Арсовски, еден од основачите на СДСМ Куманово.

„Ви благодарам од срце! Нашиот концепт веќе е препознаен од сите граѓани и горд сум што сè поголем број на граѓани ни ја даваат поддршката. Ветувам дека ќе работам во интерес на сите кумановци, нема да правам поделби по ниту еден основ и ќе се вложам секој кумановец да има подобар квалитет на живот“, порача независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово Максим Димитриевски.