Основачот на Твитер одговори на заканите на Трамп за затворање на социјалните медиуми

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се закани дека ќе донесе регулатива во однос на социјалните мрежи и веќе денес планира да потпише извршна наредба во врска со социјалните платформи.

Гневот на американскиот претседател е насочен пред се кон неговата омилена платформа Твитер, која оваа недела за прв пат, со твитот на Трамп објави предупредување дека е неопходно да се проверат фактите со неговите наведени тврдења, што според многумина не биле вистинити.

„Републиканците сметаат дека платформите за социјални медиуми целосно ги задушуваат конзервативните гласови. Ќе донесеме силна регулатива или ќе ги затвориме пред тоа да го дозволиме“, напиша Трамп на Твитер.

Доцна синоќа, портпаролката на Белата куќа Кејли Меканани објави дека Трамп ќе потпише извршна наредба „во врска со социјалните медиуми“, без детално да објасни за што станува збор.

Засега не е јасно што всушност има за цел Трамп да направи и дали претседателот воопшто има извршни овластувања да воведе регулација во компаниите според постојните закони.

Синоќа, основачот на Твитер Џек Дорси индиректно му одговори на претседателот, велејќи дека компанијата ќе продолжи да укажува на „неточни или спорни информации за изборите воопшто“.

„Ова не нè прави арбитри на вистината“, напиша Дорси на Твитер.

„Нашата намера е да ги поврземе точките на конфликтните изјави и да посочиме на спорната информација за луѓето да можат сами да просудат. Клучно е да се даде поголема транспарентност од наша страна за луѓето да можат јасно да видат зошто стојат зад нашите акции“, рече тој.

Предупредувањето за проверка на фактите кога е во прашање претседателот за компанијата претставува голема промена на политиката и е голем чекор во спречувањето на ширењето на невистини по што тој посегна воочи изборите во ноември, пишува ДПА.

Твитер им порача на луѓето дека можат да обезбедат линкови до нови вести кои честопати се во спротивност со оние што ги нуди Трамп. Тој неодамна изнесе и конспиративна теорија според која водител на ТВ емисија, кој претходно бил пратеник, ја убил својата помошничка за време на неговиот мандат во парламентот.

Семејството на жената, која починала од природна смрт, побара од Твитер да ги отстрани постовите, но компанијата одби.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.