Осомничениот за нападот пред џамијата во Брест најден мртов

Две лица, од кои едно е познат и контроверзен имам, се ранети од огнено оружје во четвртокот попладнето од пред џамијата во западниот француски град Брест, соопштија локалните власти и полицијата кои трагаа по осомничениот.

Осомничениот подоцна е најден мртов, откако извршил самоубиство, рекол извор од полицијата. Откако ги застрелал двајцата мажи, напаѓачот избегал со автомобил „рено клио“, кој подоцна полицијата го пронашла недалеку од местото на нападот. Телото на напаѓачот било пронајдено со престрелна рана во главата, во близина на возилото. Полициската истрага е во моментов запрена, бидејќи иследниците сметаат оти напаѓачот дејствувал сам.

Според локалниот весник Le Telegramme, осомничениот ја преземал одговорноста за нападот на социјалната мрежа Facebook. Нападнатиот имам имал голем број следбеници на мрежата, се додава во извештајот.

Претходно, изворот на AFP рекол дека не било јасно дали нападот е поврзан со џамијата, дали станува збор за религиски напад или пукањето има поинаква заднина.

Од канцеларијата на јавниот обвинител во Париз, кој се занимава со случаите на тероризмот во земјата, соопшти дека случајот го истражуваат заедно со локалното обвинителство.

Ниеден од двајцата ранети не се во животна опасност, објавија во соопштение локалните власти. Според локалните медиуми, една од жртвите на нападот е добро познат и контроверзен сунитски имам, Рашид Елжаи.

Имамот Елжаи претходно бил познат под името Рашид Абу Худејфа, а станал познат по серијата контроверзни објави на социјалните мрежи и онлај видеа.

Првпат за него француската јавност слушнала во 2015 година, кога Франција се соочуваше со серијата смртоносни терористички напади. Но острите објави на имамот Елжаи инспирирани од салафистичкото движење датираат уште 2012 година, а во едно видео ги предупредува децата кои сакаат да слушаат музика дека „Алах ќе ги претвори во свињи или мајмуни“. Неговиот канал на сервисот YouTube во тоа време имал 68.000 следбеници.

Поради ваквите активности, во април 2016 година тогашниот француски социјалистички претседател Франсоа Оланд во телевизиска изјава рече дека џамијата во Брест е затворена, како и дека имамот Рашид Абу Худејфа е кривично гонет. Но подоцна, се покажа дека Оланд имал неточни информации

„Имамот на Брест никогаш не сторил кривично дело, никогаш не прекршил ниту еден закон или бил обвинет поради неговите говори – за разлика од многу други луѓе“, напиша имамот Facebook одговарајќи на изјавата на Оланд.

Имамот Елжаи, наводно, добивал смртни закани од џихадистичката сунитска организација Исламска држава.

Досега не биле покренати никакви правни постапки против него, а имамот продолжил со своите активности на социјалните мрежи, и до четвртокот имал повеќе од милиони следбеници на неговиот профил на Facebook.