Осомничениот за убиството на новинарката екстрадиран од Германија во Бугарија

Мажот осомничен за силувањето и убиството на 30-годишната бугарска новинарка ВикторијаМаринова екстрадиран е во средата од Германија во Бугарија, потврди за AFP портпаролката на бугарското министерство за правда.

Авионот во кој се наоѓал осомничениот Северин Красимиров слетал на аеродромот во Софија околу 17 часот по средноевропско време. Телото на 30-годишната Маринова беше најдено во градскиот парк во нејзиниот роден град Русе на кеј. Обвинителството соопшти дека била силувана, претепана и задавена. Во врска со ова злосторство беше приведен романски државјанин од украинско потекло кој бил скитник, но набрзо беше ослободен. Красимиров е идентификуван според ДНК, и било откриено дека набрзо по злосторството заминал за Германија.

Германските обвинители соопштија дека осомничениот убиец на бугарската телевизиска новинарка за време на распитот го признал убиството, но негирал дека ја силувал и дека извршил кражба. Осомничениот најпрво побегнал во Романија, а оттаму во Германија каде живеат неколку негови роднини. Бугарската полиција соопшти дека пронашла работи кои ѝ припаѓале на Маринова во домот на осомничениот. Неговата ДНК била пронајдена и на нејзиното тело.

Медиумите се насочија на нејзината неодамнешна работа. Имено, во својата последна телевизиска емисија од 30-ти септември, Маринова се занимавала со новинарите кои го истражувале наводниот случај на корупција поврзан со користење на фондовите од ЕУ. Вети дека нејзината од неодамна покрената емисија ќе направи повеќе и ќе спроведе своја истрага. Маринова, која има 7-годишна ќерка, била вклучена во истрагата на група бугарски новинари за инфраструктурни проекти коишто ги финансира ЕУ, а со коишто управувале локални власти.