Остар пад на азиските берзи, цените на нафтата и британската фунта

На азиските берзи цените на акциите во средата остро паднаа бидејќи вложувачите стравуваат дека растот на трошоците на задолжувањето ќе предизвика глобална рецесија, додека вредноста на американскиот долар кон кошницата валути достигна ново највисоко ниво во 20 години.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките берзи во тргувањето околу 7 часот по македонско време беше во минус од 1,9 отсто, па се лизна на најниското ниво од април 2020 година. Притоа, на Токиската берза индексот Nikkei потона за 2 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Австралија, Хонгконг и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,7 и 2,8 отсто.

Азиските вложувачи ги загрижува растот на трошоците за задолжувањата, имајќи предвид дека централните банки ширум светот ги подигнуваат клучните каматни стапки за да ја сузбијат инфлацијата. Така, на пример, приносите на американските 10-годишни државни обврзници надминаа 4 отсто, првпат по 2010 година.

„Сега е јасно дека централните банки во развиените земји ќе ја заострат монетарната политика на толку агресивен начин каков што не се памети барем 30 години. И додека тоа е нужно за да се сузбие инфлацијата, тоа значително ќе го чини стопанството. Следната година очекуваме глобална рецесија“, коментира за Reuters Џенифер Меккоен, директорка во компанијата „Capital Economics“.

Поради тоа утрово значително паднаа и американските термински индекси. Терминскиот S&P 500 индекс околу 9 часот беше во минус од 0,8 отсто, па во продолжение од тргувањето во средата може да забележи пад седми ден со ред.

На Волстрит овој индекс вчера падна за 0,2 отсто, на најниското ниво по речиси две години. Падот на S&P 500 индексот шести ден со ред, што е неговата најдолга негативна низа од февруари 2020 година, е последица од стравувањата дека агресивното заострување на монетарната политика на Fed ќе ја турне американската економија во рецесија. По остриот пад последните седмици, S&P 500 индексот е во минус во однос на почетокот на годината за околу 24 отсто, па потона на најниското ниво од ноември 2020 година.

Тоа е поради стравот на вложувачите и аналитичарите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) ќе продолжи и во остатокот од годинава и на почетокот од идната агресивно да ги зголемува каматните стапки за да ја сузбие највисоката инфлација по четири децении. А тоа може подлабоко да ја турне во рецесија американската економија.

 

Доларот и натаму јакне, цените на нафтата остро паднаа

На валутниот пазар вредноста на доларот во однос на кошницата валути достигна ново највисоко ниво во последните 20 години, бидејќи американската валута се смета за сигурно засолниште за капиталот во несигурните времиња.

Притоа, индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 114,60 поени, додека во истиот период вечера изнесуваше 113,80 поени.

Притоа курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 144,45 на 144,70 јени.

Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 0,9555 долари, додека во вторникот во истиот период од тргувањето изнесуваше 0,9640 долари.

Освен европската, по притисок веќе со денови е и британската валута поради стравовите на вложувачите дека економскиот план на новата британска премиерка ќе доведе до пренапрегнатост на јавните финансии. Кредитната агенција „Moody’s“ предупреди дека намалувањето на даноците а зголеменото задолжување на државата би можело да биде негативно за кредитниот рејтинг на Велика Британија.

Во раното претпладневно тргување во средата курсот на фунтата повторно падна за 1 отсто, на 1.0635 долари.

Цените на нафтата, по вчерашниот раст, утрово остро паднаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар се лизна за 1,48 отсто на 84,99 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 1,38 отсто на 77,40 долари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.