Остар пад на прометот во малопродажбата во Германија во април

Прометот во германската малопродажба остро паднал во април, бидејќи Германците поради поскапувањата значително ја намалиле набавката на храна, покажаа податоците што во средата ги објави статистичкото биро Destatis.

Прилагоден за сезонските и календарските фактори, прометот во април паднал за 5,4 отсто во однос на март кога пораснал за 0,9 отсто, според пресметката на статистичарите.

Продажбата на храна паднала за 7,7 отсто, најсилно од почетокот на временската низа од 1994 година, истакнуваат статистичарите, укажувајќи на поскапувањето на прехранбените продукти за 8,6 отсто. На годишно ниво, пак, продажбата на храната во Германија годинешниот април паднала за 6,5 отсто.

Во однос на март годинава, значително е намален и прометот во продавниците за текстил, облека, обувки и кожна галантерија, како и во стоковните куќи и во продажните аутлети, за 4,3 односно за 7 отсто. На годишно ниво, пак, забележал силен раст, одразувајќи го ублажувањето на пандемиските мерки.

Инфлацијата во Германија пораснала во мај на највисокото ниво во речиси половина век, одразувајќи го скокот на цените на енергијата и храната, што се припишува на војната во Украина и санкциите против Русија воведени поради тоа.

Проблеми во германската малопродажба предизвика и епидемиското „затворањето“ во Кина. Околу 80 отсто од германските малопродажни компании анкетирани во мај рекле дека нема да ја добијат сета стока којашто ја порачале, бидејќи блокадите во Кина ги влошуваат проблемите со снабдувањето, објави институтот Ifo.

„Многу производи не се на рафтовите, туку чекаат во контејнери во некои кинеско пристаниште“, изјави во понеделникот шефот на институтот, Клаус Вохлрабе.