Остар пад на светските берзи, се заканува трговска војна

838

На светските берзи цените на акциите изминатата седмица остро паднаа, бидејќи вложувачите стравуваат од трговска војна, откако Вашингтон ги презема првите чекори кон воведување царини на кинеските производи, а Пекинг најави противмерки и „борба до крајот“.

На њујоршки Волстрит индексот Dow Jones минатата седмица се лизна за 5,7 отсто, на 23.533 поени, додека S&P 500 потона за 5,95 проценти, на 2.588 поени, а Nasdaq индексот ослаби за 6,5 проценти, на 6.992 индексни поени. И на европските берзи,цените на акциите во истиот период паднаа. Па лондонскиот FTSE индекс загуби 3,4 отсто, на 6.921 поен, додека франкфуртскиот DAX потона за 4,1 проценти, на 11.886 поени, а парискиот индекс CAC ослаби за 3,5 отсто, на 5.095 индексни поени. На Токиската берза, пак, индексот Nikkei загуби 4,9 отсто, лизнувајќи се на 20.617 поени.

На несигурноста на инвеститорите укажува и силниот раст на VIX индексот на „стравот“ на Чикашката берза на опции, кој во петокот достигна 24,87 поени, најголемо ниво од половината на февруари. Тоа покажува дека инвеститорите засилено ги обезбедуваат своите портфељи од можниот натамошен пад на цените на акциите.

Остриот пад на индексите е последица од стравувањата на вложувачите од трговска војна меѓу двете најголеми светски економии, откако американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот го потпиша меморандумот кој овозможува воведување на царини до 60 милијарди долари на увозот на кинески стоки. Според условите од овој указ, Трамп ќе воведе царини дури по консултативниот период, кој може да трае 30 дена, а на листата за воведување царини се наоѓаат околу 1.300 производи, главно од секторите информатика, потрошувачка електроника и телекомуникациите.

На тоа кинеското министерство за трговија порача дека Кина не се плаши да се впушти во трговска војна и ги објави плановите за воведување царини до 3 милијарди долари на увоз на производи од САД, како противмерки за од претходно најавените царини на увоз на кинески челик и алуминиум во САД, кои стапуваат на сила во петок. Покрај тоа, агенцијата Bloomberg ја пренесе изјавата на кинескиот амбасадор во САД дека Кина ги разгледува сите опции за одговор на воведувањето царини, што вклучува и можно намалување на американските државни обврзници. Кина, инаку, е еден од најголемите купувачи на американските должнички хартии од вредност, од кои се финансира огромниот буџет.

Сето тоа ги зголеми стравувањата на инвеститорите дека претстои трговска војна, којашто би можела неповолно да влијае врз светската економија. Поради таквата атмосфера на берзите за само два дена индексот Dow Jones потона за повеќе од 1.000 индексни поени.

„Вложувачите се загрижени поради тоа каква би можела да биде трговската војна и би сакале да управуваат со ризикот. А доколку ситуацијата рапидно ескалира, тоа би претставувал силен ветер во градите за пазарот“, вели за Reuters Питер Кени, стратег во компанијата „Global Markets Advisory Group“.

Меѓу најголемите губитници минатата седмица беше технолошкиот сектор, а под најголем притисок беше акцијата на компанијата „Facebook“. Пазарната вредност на компанијата која е сопственик на најголемата социјална мрежа на светот падна за речиси 60 милијарди долари откако протекоа информациите дека британската консултантска компанија „Cambridge Analytica“, којашто работела на изборната кампања на претседателот Доналд Трамп, собрала лични податоци за 50 милиони корисници на мрежата без нивна согласност. Вложувачите стравуваат дека поради тоа следува построга регулација и дека приходите на компанијата од огласувањата би можеле да паднат.

Неповолно на пазарите влијаат и нагаѓањата за тоа колку брзо во иднина ќе растат каматните стапки во САД. Американската централна банка Federal Reserve (Fed) во средата ги покачи каматните стапки за четвртина процентен поен во интервал од 1,50 до 1,75 отсто, и сигнализираше уште две зголемување во оваа година, што значи вкупни три. Зголемувањето на каматите беше очекувано, а новиот претседател на Fed, Џером Пауел, порача на прес-конференцијата дека централната банка останува на патот за постепено зголемување на каматите и дека мора да биде подготвена да го спречи јакнењето на инфлацијата. Но прашањето за тоа во колку наврати Fed оваа година ќе ги зголеми каматите, три ли четири, и натаму останува отворено а ќе зависи од движењата на инфлацијата, претпоставуваат амалитичарите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.