Остра реакција и осуда на Судскиот совет за однесувањето на Рускоска, ЈО вели дека била разочарана

Судскиот совет на Република Македонија најостро го осудува однесување на јавната обвинителка Вилма Рускоска и смета дека е во спротивност на Етичкиот кодекс на јавните обвинители.

Од Судскиот совет во денешното соопштение наведуваат дека како самостоен и независен орган на судството е основан со цел да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно Уставот и законите.

-Заради остварување на оваа цел, а по повод изјавата на јавниот обвинител за организиран криминал и корупција – Скопје, Вилма Рускоска, во врска со законитоста на Одлуката на Кривичниот совет при Апелацискиот суд Скопје за определување на мерката – куќен притвор, за обвинетата Катица Јанева, по спроведениот увид во Апелацискиот суд, Судскиот совет констатира дека ваквите изјави сo закана спрема судиите, од еден од учесниците во судските постапки претставува:

– Грубо кршење на принципот на еднаквост и рамноправност на учесниците во кривична постапка;

– Влијание врз јавноста по однос на законитоста на судската одлука спротивно на Уставот и позитивните законски прописи;

– Злоупотреба на правата во судска постапка;

– Недозволено мешање и притисок врз судиите при донесувањето на судски одлуки и

– Нарушување на угледот на судот и судската власт преку создавање на правна несигурност како еден од сегментите на принципот на владеeње на правото, се наведува во соопштението од Судскиот совет на РМ.

Јавното обвинителство, пак, во соопштение изнесе официјален став откако Апелацискиот суд ја објави содржината на СМС-пораката, што обвинителката Русковска му ја испратила на еден од тројцата судии кои наводно ја донеле одлуката за куќен притвор на Катица Јанева.

Јавното обвинителство нагласува дека ги почитува судските одлуки и не се меша во работата на судската власт, а реакцијата на Русковска треба да се разбере како израз на моментално разочарување.

„Реакцијата на надлежниот јавен обвинител во предметот треба да се разбере како израз на моментално разочарување, по сознанието за донесената одлука во предмет во кој по опсежна предистражна и истражна постапка и поднесено обвинение, очекува судска разрешница“, се нагласува во соопштението од Јавното обвинителство.