Осудениот за нападот на Села кој со крвави рани лежеше на Трауматологија ќе биде сместен во соодветна установа

Стојан Павлески, осудениот за нападот на Зијадин Села кој со крвави рани лежеше на Клиниката за трауматологија, ќе биде сместен во соодветна здравствена установа каде ќе може да ја прима соодветната терапија и да му биде овозможена потребната нега. По апелот на семејството на Павлески, од Кабинетот на министерот за здравство, Венко Филипче го посетиле пациентот.

Во телефонски разговор за МКД.мк од Кабенетот на министерот потврдуваат дека комплетно се запознати со случајот и дека во договор со семејството пациентот ќе биде префрлен во Геронтолошкиот завод во Скопје.

Го посетивме пациентот и она што може да го кажеме е дека тој е навистина во тешка состојба која бара да се префрли во друг оддел, а не на Клиниката за Трауматологија. Утврдено е дека додека се наоѓа на овој оддел, лекарите соодветно го третирале и дека никогаш не била одбиена работна задача од страна на персоналот. По консултација со вработените лица, како и со семејството договорено е пациентот да се префрли во Геронтолошкиот завод каде би ја добивал нега и третман што се соодветни за неговата здравствена состојба, велат од Кабинетот на министерот Филипче.

Стојан Павлески, обвинетиот за тепањето на Зијадин Села 4 месеци се наоѓа на  Клиниката за трауматологија во Скопје по тешките повреди добиени од ќотек, по што, како што тврди неговото семејство, бил фрлен на улица.

Му се судеше за убиство во обид на Села за настаните во Собранието, по што врз основа на снимка која беше дел од доказите кривичното дело за него беше преквалификувано во насилство. Тој пред судот го призна делото и рече дека го нападнал Села во момент на агресија, по што беше осуден на условна казна.