Осум лекари пред суд поради смртта на Марадона

Осум здравствени стручњаци ќе се најдат пред судија во аргентинскиот град Сан Исидоро под обвинение за убиство од небрежност со отежнувачки околности, што е епилогот од истрагата во врска со смртта на фудбалската легенда Диего Армандо Марадона кој на 25-ти ноември 2020 година почина на 60-годишна возраст.

Судот во Сан Исидор ја прифати тужбата подигната во април годинава против групата медицински стручњаци, која укажува на недостатоци и негрижа во згрижувањето на еден од најдобрите фудбалери на сите времиња. Меѓу другите, на обвинителната клупа ќе се најдат и неврохирургот и семејниот лекар, клиничкиот лекар, психијатарот, психологот и шефот на медицинските сестри и болничари.

Марадона починал од затајување на срцето и дишните органи, додека во својот дом северно од аргентинската престолнина Буенос Аирес закрепнуваше од неврохируршка операција. Тој патеше од проблеми со бубрезите и црниот дроб, срцеви и невролошки тегоби, како и од зависност од алкохол и психотропни супстанции.

Обвинетите ќе се бранат од слобода, а за обвиненијата со кои се товарат судијата може да им изрече затворски казни од 8 до 25 години.

Според наводите на обвинителството, лицата задолжени за грижа за Марадона се „протагонисти на невидена, целосно со недостатоци и непромислена домашна нега“, и сториле „низа импровизации, лоши одлуки и пропусти“.

Во извештајот на вештакот, кој бил дел од истрагата, се наведува дека поранешната фудбалска ѕвезда била „препуштена на судбината“ од страна на лекарскиот тим, што довело до бавна агонија.

Обвинетите психолог, лекар и медицинска сестра во текот на сослушувањето ги бранеле своите постапки за кои тврделе дека биле во рамките на делокругот од нивните области и компетенции. Леополдо Луке, доверливо лице на Марадона и негово личен лекар, изјави дека се „гордее со она што го сторил“, наведувајќи дека се „обидел да му помогне“.

Датумот на почетокот на судењето во случајот кој доби голем публицитет и надвор од Аргентина, сѐ уште не е одреден.